Влатко Костов нов тренер на Работнички
Негов асистент на клупата на „романтичарите“ ќе биде Горан Петрески-Чунга, договорот за соработка со клубот ќе биде на една и пол сезона со можност за негово продолжување
Сашко Ѓ. Димовски
Влатко Костов ќе го наследи Зоран Стратев на клупата на Работнички. Негов помошник за време на мандатот во трикратниот македонски фудбалски шампион ќе биде Горан Петрески-Чунга. На функцијата е договорено да остане 1,5 сезона, а не е исклучена можноста и за продолжување на соработката, се разбира, доколку обете страни изразат задоволство од игрите, резултатите и условите за работа во меѓувреме. Покрај клупскиот ангажман Костов останува и асистент во стручниот штаб на Мирсад Јонуз во репрезентацијата на Македонија. Дилеми за новиот кормилар на дебармаалци повеќе не постојат, клупското раководство за утре закажа прес-конференција на која ќе го промовира новото тренерско име.
„Сигурно дека ќе биде многу потешко одошто очекував, но тоа е што е. Амбициите на клубот остануваат исти, а тие се излез во Европа за наредната натпреварувачка сезона во најмала рака“, ни изјави Костов.
Тој не сакаше премногу да се расфрла со изјави. Во негов манир, скромно, порача дека детаљно ќе говори утре на средба со новинарите. Но, и да говори и да не говори, може да се претпостави на што мисли Костов кога вели дека ќе биде потешко одошто и самиот очекувал. На прво место веројатно е играчкиот кадар. На Работнички му претстои период со максимална мобилност за пополнување на празнините што настанаа по заминувањето на Слободан Брацо Вујчиќ кој со себе, веројатно, ќе повлече околу десетина фудбалери. Затоа, без сомнение, е потребно доведување на исто толку играчи колку што заминаа или ќе заминат, за да може да се продолжи непречено во работата, за реализација на зимските подготовки и останување на европскиот курс на клубот, па зошто да не и на курсот за враќање на шампионската титула во Дебар Маало. Дали тоа ќе бидат домашни играчи или, пак, засилувања од странство останува на управата на клубот да реши. Но, без доволен број квалитетни поединци, без достојни замени за сите позиции, без голема и здрава конкуренција за стартниот состав тешко дека Работнички ќе успее во исполнување на зацртаните цели за оваа сезона. Имајќи во предвид дека претседателот Драган Поповски не дозволи да настане играчки, резултатски и финансиски вакуум во клубот по преземањето од Трифун Костовски, за очекување е и овојпат дека „романтичарите“ брзо ќе се консолидираат и ќе останат на патеката по која и досега се движеа во домашната сцена, но и надвор од македонските граници. |