НБМ очекува раст на БДП
Најновите макроекономски движења упатуваат на задржување на позитивната динамика на домашниот бруто-производ и во вториот квартал од годинава, оцени на вчерашната седница Советот на Народна банка.
„БДП во првиот квартал од 2011 оствари раст од 5,1 отсто, а главни носители на растот се извозот и инвестициите. Од аспект на секторите што учествуваат во создавањето БДП, најголем придонес за економскиот раст имаат зголемената активност во индустријата, трговијата и во градежништвото“, соопштуваат од НБМ. Поволните движења во економијата, според нив, се потврдуваат и преку податоците за пазарот на труд и растот на индустриското производство.
Финансиската стабилност во 2010 година била на задоволително ниво, а ризиците за нејзиното идно одржување забележале намалување. Банкарскиот систем се одликува со стабилна ликвидност и висока адекватност на капиталот.
Советот донесе четири одлуки во доменот на заштитата на потрошувачите при користењето потрошувачки кредити, а усвои и измени на три подзаконски акти со кои се воведува кредитниот рејтинг како пообјективен критериум при утврдувањето на ризичноста на побарувањата на банките. Усвоена е и одлуката со која првпат се вклучуваат недепозитните финансиски институции, потоа и друштвата што управуваат со инвестициските и пензиските фондови, како редовни известувачи. (МИА) |