Фудбалски вести
Костарика ја совлада Боливија, Аргентина виси
Во второто коло од Копа Америка Костарика ја совлада Боливија со 2:0 со што притисокот на домаќинот Аргентина драстично се зголеми. Сега Колумбија ја предводи групата со четири бода, Костарика изби на второто место со три бода, додека трета е Аргентина со само два бода.
Костарика, која против Боливија речиси половина час имаше два играча повеќе (Риверо беше исклучен во 71. минута, а Флорес во 76.) в понеделник ќе игра против Аргентина со многу помал притисок, бидејќи знае дека и е доволно и реми за втората фаза.
Да споменеме дека покрај Мексико и Костарика главно користи играчи помлади од 23 години, бидејќи не е членка н�� Јужноамериканскиот фудбалски сојуз туку на Копа Америка игра во улога на гостин.
Именување
Зидан спортски директор на Реал мадрид
Бившиот француски репрезентативец Зинедин Зидан изјави дека од наредната сезона ќе биде близок соработник на Жозе Мурињо.
„Ќе бидам спортски директор на првата екипа на Реал“ потврди Зидан за „Ас“.
Французинот, инаку играчка легенда на „кралевите“ досега работеше како советник на претседателот Флорентино Перез, а отсега неговата улога ќе биде поинаква. Од него се очекува да помага околу работите кои се однесуваат на првиот тим, што Мурињо со двете раце го прифати.
„Мурињо и Перез влијаеја на мојата одлука. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Единствено што знам е дека почнувам во понеделник“, додаде Зидан, кој влијаеше на одлуката на Рафаел Варан да дојде на „Сантијаго Бернабе“.
„Тој е сличен на Робињо. Единствена разлика е што Нејмар (н.з. Реал го сака и него, но тој изјави дека останува во Сантос) дава повеќе голови“, направи споредба Зидан.
Одлука
Биелса нов тренер на Атлетик Билбао
Атлетик Билбао објави дека во новата сезона ќе го води аргентинскиот стручњак Марсело Биелса. На тој начин тој ќе продолжи со својата тренерска кариера откако од 2007 година до февруари годинава го водеше Чиле. Биелса минатиот месец ја одби клупата на Интер, а сега ќе го води тимот кој лани заврши на шестото место во Примера.
Понуда
Малага дава 35 милиони евра за СнаЈдер
Приказната за доаѓањето на Весли Снајдер во Малага звучи прилично неверојатно, но информациите кои доаѓаат од Италија не го прават неговиот трансфер во Манчестер јунајтед ништо поверојатен.
Агентот на Снајдер потврди дека Малага излегла со официјална понуда од 35 милиони евра за Холанѓанецот. Но, напомена дека „за големите клубови уште е рано да излезат со своја понуда“.
|