Фељтон
Колку УДБ-а беше нашата судба (12)
Шамбевски ликвидиран од агенти на УДБ-а
Гојко Јаковлески тврди дека нема сигурни докази, но оти сите индиции говореле дека го убиле југословенските тајни служби
Виктор Цветаноски
Ноќта меѓу 31 јули и 1 август 1974 година ќе биде ликвидиран Благој Шамбевски, политички емигрант, тогаш секретар на ДООМ. За него нема сигурни докази дека го убиле агенти на УДБ-а, но сите индиции говорат дека е жртва на тајните југословенски служби. Неговото мртво тело го пронашле во минхенскиот хотел „Ројал“, каде што работел како рецепционер. Се претпоставува дека убиецот или убијците дошле во хотелот како гости и го ликвидирале. Побарале соба за ноќевање и кога ги одвел за да им ја покаже го удриле со тврд предмет по главата, по што останал мртов на самото место.
„За случајот прв ме извести Антон, Македонец, по потекло од егејскиот дел на Македонија, кој живееше во близина на станот на семејството Шамбевски во Минхен и беше чест гостин кај нив. Нешто подоцна, на телефон во Западен Берлин ми се јави сопругата на покојниот Благој, Хрватка од Босна и Херцеговина, и ми рече: ’Гоце, Благој не е убиен, беше несреќен случај. Благој беше болен, Благој беше многу болен. Паднал и паѓајќи ја удрил главата на креветот и тоа било утврдено од лекарите и од полицијата’. Вечерта на телефон од Гетеборг, Шведска, ми се јави и Драган Богдановски и ми рече: ’Гоце, Шамбе не е убиен од УДБ-а‘. Меѓутоа, наредниот ден, повторно ме побара за да ми каже дека има оправдани сомневања, а и многу индиции дека Шамбевски бил убиен, бидејќи главата му била распукана во задниот дел, а вратата на собата заклучена однадвор“, пишува Гојко Јаковлески, по повод 30-годишнината од смртта на Шамбевски.
Јаковлески и' ги пренел сомневањата на Богдановски на сопругата на Шамбевски, а првата нејзина реакција била дека можеби тој сакал да прави „стории“, фама од таа работа. Меѓутоа, подоцна го побарала и се согласила дека во сомневањата на Богдановски има вистина и оти нејзиниот Благој можеби е жртва на политички пресметки. Притоа таа истакнала дека на сопругот често му се заканувале оти ќе го ликвидираат. Раскажала како двајца Македонци, едниот од Брисел, а другиот од Минхен, сакале насила да влезат во нивниот стан и да ги земат архивата на ДООМ и списоците на луѓето што го добивале списанието „Македонска нација“ и на оние што членувале во организацијата. Извадиле и пиштол и на Шамбевски му се заканиле дека ќе го убијат ако не им ги даде. Тогаш повикале полиција, која ги притворила, но по неколку дена ги пуштила.
Шамбевски често добивал и заканувачки писма. Јаковлески цитира неколку од нив. Во едно од нив стои: „Бандиту Шамбевски! Ти и твојот чауш Богдановски сте гадови и предавници на македонскиот народ, а не патриоти. На лукав начин, за гнасни цели, им служите на вашите господари, кои ве плаќаат, вие го користите убиството на петтемина ванчомихајловисти и врховисти од Струмица за да ловите риба во матна вода. За ликвидираните од народната правда пет ’бугарашки и буржоаски копилиња‘, Македонија не плаче и нема зошто да тажи, зошто ако тие не беа навреме ликвидирани, сега ќе беа исти бандити какви што сте вие околу вашата гнасна пачавра ’Македонска нација‘. Но, знаете гадови, нашите раце се долги, тие ќе ве најдат каде и да се наоѓате, вашите денови се изброени и вие наскоро ќе завршите под анџар, како што завршија петтемина за кои сега пишувате“, пишува во заканувачкото писмо.
Тоа било потпишано од „чесен македонски патриот“ и стасало до Шамбевски откако во „Македонска нација“ била објавена статија за убиството на петтемина студенти од Струмица, кои во 1951 година на ѕверски начин биле ликвидирани од УДБ-а. Писмени закани пристигнале и од некој Аљаковски, како и од еден битолчанец, кој се претставил како борец во Граѓанската војна во Грција.
„Полициската истражна комисија, која беше формирана по повод случајот ’Шамбевски‘, брзо го затвори делото и го стави ад акта. Убиствата, атентатите на југословенски конзулати, пресметките меѓу емиграцијата и југословенската полиција (УДБ-а, СДБ) во тоа време беа на дневен ред само во Минхен. Пред ликвидацијата на Шамбевски беа убиени четворица Хрвати и тројца Срби. Беше убиен еден од водачите на хрватската емиграција, Миле Рукавина, заедно со неговите соработници Крешо Тољ и Вид Маричиќ. А само три недели пред убиството на Шамбевски беше убиен еден од водачите на српската емиграција, Јаков Љотиќ“, нагласува Гојко Јаковлевски. Според него, германската полиција не сакала да си го навлекува гневот на југословенските власти, кои реагирале многу нервозно кога станувало збор за убиства и за пресметки меѓу нејзините бивши поданици и настојувала да спречи секаков публицитет. Меѓутоа, политичките непријатели на Титова Југославија, било тоа да се Хрвати, Срби или Македонци, не верувале дека германската полиција не е способна и не може да ги открие убијците. Напротив, тие сметале дека таа била толерантна кон југословенските агенти што убивале на нејзина територија, а истражните органи не сакале докрај да ги расветлат убиствата како што е она на Шамбевски.
„Колку скандалозно беше држењето на полицијата во случајот со Шамбевски се гледаше и од фактот што таа едноставно го ’украде‘ неговото тело и пет дена не дозволи никој од неговата фамилија или некој од пријателите да го види. По сите правила на едно демократско законодавство таа требаше да ја повика барем неговата сопруга на местото на убиството, да го види мртвото тело“, пишува Јаковлески, истакнувајќи дека немало сомневање дека Шамбевски бил ликвидиран од УДБ-а.
Неговото мислење го дели и брат му Мане. Тој вели дека српската тајна служба во тоа време, за атентатите што ги вршела врз хрватската емиграција, го користела српското подземје, како што во понов датум бил користен Аркан. „Мислам дека Шамбевски го има убиено подземјето што соработувало со УДБ-а“, вели тој .
Македонскиот емигрант Илија Тодороски, суден за Македонија, кој по одлежувањето на затворската казна пребегнал во Германија, раскажува:
„Во Минхен имаше и една поголема група агенти на македонска УДБ-а. Беа сместени во едно место на педесетина километри од Минхен и ровеа низ цела Германија. Еден агент имаше во југословенскиот конзулат и тие работеа според негови инструкции. Тие беа удбашка банда, а една вечер ја претепаа мојата жена Ристана кога се враќаше од работа. Едвај се спаси. Сите тие се вратија во Македонија откако си ја завршија работата таму“, тврди Тодоровски.
Тој признава дека УДБ-а се обидела да го врбува и него. Со нив се сретнал во еден хотел. „Да бидам искрен, многу се исплашив. Не знаев што да правам, како да се однесувам, зашто се плашев да не ме ликвидираат. Кога се видов со нив дури и ме прегрнаа. Едниот, Климе Настески, го знаев, беше мој роднина од Опењца, а другиот, Никола Илиевски од Скопје. По разговорот се разделивме како пријатели. Подоцна ме посетија дома и издејствуваа југословенската амбасада да ми даде пасош. Така, по 20 години си дојдов дома во Лакочереј. Мајка ми почина, а јас не можев да ја видам. Бараа да соработувам со УДБ-а, бараа да им кажувам за тоа што работи емиграцијата, дали подготвува нешто против Југославија. Посебно се интересираа за Драган Богдановски, кој едно време живееше кај мене“, раскажува македонскиот емигрант суден за Македонија.
Деведесетгодишниот Тодороски, кој секој ден може да се забележи во охридската чаршија, вели дека УДБ-а била многу опасна. „Многу моќна беше УДБ-а. Откако го прочитав досието што го водела за мене видов дека таа се' знаела. Не само што сум зборувал, туку и што сум мислел. Фрлаше многу пари, а тогашните македонски клубови беа полни со удбаши. Многумина од нив дојдоа дури и на свадбата на ќерка ми“, вели Тодороски.
Откако го видел досието дознал многу работи и се изненадил кој се' го кодошел. Ни покажува документ со имиња и презимиња на оние што ја информирале УДБ-а. На него се наоѓаат седум-осум имиња. Меѓу кодошите било името на многу близок роднина, но, како што вели, го избришал од документот за да не пукне срам.
Вели дека УДБ-а го следела и во логорот за политички бегалци во Германија, во 1962 година. Му испратила човек од неговото село Лакочереј на кого цело време му помагал. Кога бил во Германија негов братучед му се јавил преку телефон, наводно, за да го праша како е со здравјето. Но, се интересирал и за друго: што работи емиграцијата, кога ќе излезе „Македонска нација“. Разговорот бил воден од телефон на УДБ-а. Подоцна го симнале на хартија, а тој си го прочитал во досието.
(Продолжува)
|