Стабилен подем во земјите на еврозоната
Наспроти стабилизирањето на стопанскиот пораст, експертите на Организацијата за економска соработка и развој - ОЕЦД забележуваат дека расте и притисокот за штедење и консолидација на националните буџети поради високата презадолженост. ОЕЦД затоа бара воведување кризен механизам и автоматски санкции спрема државите - буџетски грешници.
Главниот економист на ОЕЦД, Пјер Карло Падоан, самокритички забележа дека економистите предоцна ги осознале причините за кризата на еврото. „Ние, научниците-економисти, со неколку исклучоци, мораме да си признаеме вина дека ја согледавме финансиската ситуација, но запоставивме други работи, кои потоа се покажаа како многу важни“.
„На пример, одамна постоеја различни конкурентски услови во Европа, а тие, поврзани со заедничко платежно средство, ја донесоа акутнава криза“, смета Падоан.
Во барањето на причините, раководителот на Центарот за студии за европската политика од Брисел, Даниел Грос, дури се враќа 20 години назад. „Во основа, сите проблеми што ги имаме денес на европската периферија настанаа со германското обединување. Тоа доведе до бум во градежништвото и до потрошувачката во Герма��ија, со тоа и до скок на каматите, а остатокот од Европа мораше да го прави спротивното. Од 1995 година работите се свртија: Германија мораше десет години да го стега ременот, додека другите, благодарение и на бумот на кредитирањето ум светот, можеа да трошат повеќе. Сега тркалото повторно се врти“.
Севкупното задолжување на државите во наредните две години ќе порасне на 90 проценти од домашниот бруто-производ, проценува ОЕЦД, а со пактот за стабилност се дозволени само 60 проценти. За главниот економист на ОЕЦД тоа е еден од главните проблеми на сите земји од таа организација, неиздржлив на долг рок.
„Најдобро решение е значителна финансиска консолидација и решавачки структурни реформи за да се предизвика стопански пораст. Сметаме дека тоа е патот што води напред“, вели Пјер Карло Падоан.
И Даниел Грос смета дека има основа за оптимизам. „Влијанието на сегашните реформи во Грција и други земји ќе се покаже по извесно време. Но, прашањето што си го поставуваме денес гласи: дали финансиските пазари ќе им дадат доволно време на земјите за да ги изведат тие реформи? Германија имаше доволно време. Грција евентуално можеби и ќе го нема потребното време“.
Моментно никој не сака да предвиди такво сценарио. Мерки што би спречиле да не дојде дотаму, според ОЕЦД, се траен кризен механизам и остри, навремени и автоматски санкции спрема дефицитските грешници. (Дојче- веле) |