23.04.2013, 12:14 „Куќа со кула“ и „Седум психопати“ на „Скопски фестивал“
Во терминот од 20 часот ќе биде прикажан и филмот „Хајд парк на Хадсон“ вклучен во главната програма
Денеска во рамки на „Скопскиот филмски фестивал“ во киното „Милениум“ ќе можат да се видат три необични филма. Првиот е украинскиот „Куќа со кула“ на Ева Неиман, филм кој е направен според биографската приказна на познатиот сценарист Фридрих Горенштајн („Соларис“) и кој успева на неверојатно визуелен начин да се осврне на настаните во Втората светска војна, видени низ очите на едно момче. Тоа е филм кој е селектиран во програмата „Eye on Films“, единствената глобална мрежа на филмски професионалци, формирана 2011, која е фокусирана на обезбедување дистрибуција и комерцијална експлоатација на првите филмови на помладите автори во Европа и надвор од неа.
Во термините од 20 и од 22 часот ќе се прикажат филмовите „Хајд парк на Хадсон“ и „Седум психопати“, и двата вклучени во главната програма. „Хајд парк на Хадсон“ на Роџер Мичел си поигрува со првата посета на британската кралска двојка во годините пред војната во САД. Во филмот играат Бил Мареј и Лора Лини. Додека, „Седум психопати“ е црна комедија за еден актер и еден писател, полна со трагикомични сцени и одлични улоги на: Кристофер Вокен, Вуди Харелсон, Том Веитс и Сем Роквел.
Во киното „Рамстор“ 18 часот е резервиран за изборот на кратките хорор- филмови, за кои влезот е бесплатен. Во другите два термина се документарците за познатиот визуелен уметник и дисидент од Кина „Аи Веивеи: Без прошка“ и еден тврдокорен поглед на трговијата со сексот на Михаел Главогер „Слава на курвите“. Овој филм не се препорачува за малолетници, а влезот за документарните е 50 денари. (С.У.)
|