23.04.2013, 15:18 Мртов маж пронајден во депонија во Скопје
Не е утврден идентитетот на починатиот, како и причините поради кои настапила смртта
Машко тело во фаза на распаѓање утрово е пронајдено во близина на Кванташкиот пазар во скопската населба Маџари. Идентитетот на починатиот маж не е утврден, нејасно е и како настапила смртта. Жителите во околните бараки тврдат дека не го познаваат човекот. Шокирани од случката и сликата што ја затекнале, стравуваат за своите најблиски.
Од полицијата информираат дека денеска околу 8,20 часот, на улицата „Зендел Џемаил“ бил пронајден распаднат машки труп. Телото, всушност, е пронајдено во депонија, односно во вода што претставува канал на Вардар.
Во близина на депонијата се изградени десетици бараки, ��аде во супстандардни услови, живеат ромски семејства.
„Утрово, еден од соседите отиде на пасиштетото да го затвори телето, кога во барата го виде мртвиот човек. Дојдовме да видиме. Страшна беше глетката. Беше легнат со стомакот кон водата, главата му беше надолу. Локви крв имаше насекаде околу него“, раскажуваат граѓаните, кои веднаш потоа ја алармирале полицијата.
Човекот не го познаваат, но во разговор со полицајците, разбрале оти на документите му пишувало дека е од Куманово. Се прашуваат како непознатиот маж завршил во нивното соседство. Уверени се дека ноќва бил фрлен таму, оти ако бил претходно - сигурно ќе го забележале. Стравуваат дека станува збор за убиство.
„Децата ни се нон-стоп надвор, да ти е страв да ги оставиш сами, којзнае што може да ги снајде“, се жалат жителите.
Дотаму се стигнува по неасфлатиран пат долг неколку стотина метри. Околу се бараките, има висока трева и депонија во која има тони и тони ѓубре. Каналот во кој што е пронајден човекот е валкан и наполнет со се' и сешто, најмногу празни шишиња.
Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот. (Г.А.)
|