21.04.2013, 22:14 ВМРО-ДПМНЕ објави победи во Долнени и Ѓорче Петров
ВМРО-ДПМНЕ вечерва објави победи во општините Долнени и Ѓорче Петров и им ја честиташе победата на кандидатите за градоначалници на СДСМ во Центар и на ДПА во Струга.
- Би сакал да им честитам за победата на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во овие две општини, но би сакал да им ја честитам и победата на кандидатите на СДСМ и ДПА во општините Центар и Струга. На сите нив им посакуваме плодна работа во која основна грижа ќе им биде интересот и потребите на граѓаните на општините каде тие станаа градоначалници, изјави вечерва директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Сумирајќи ги резултатите од локалните избори, Димовски потенцираше дека конечниот број на општини во кои победија кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е 58 наспроти четири колку што освои СДСМ.
- Ова е историска победа за ВМРО-ДПМНЕ. Ваква убедлива победа на една политичка партија во последните 23 години никогаш не се случила. Благодарни сме им на граѓаните, но повторуваме дека знаеме што значи оваа победа, изјави Димовски.
Разликата во гласови на листите за советници помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е околу 115.000 гласови, а разликата во гласови на листите за градоначалници помеѓу двете партии е повеќе од 140.000 гласови. Тоа, според Димовски, јасно говори за поддршката и довербата која граѓаните несомнено ја дадоа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
- Тоа за нас е сериозна порака дека мораме да продолжиме со макотрпна и деноноќна работа и со создавање конкретни дела кои ќе им помагаат на граѓаните во нивното секојдневно живеење. Тоа е нашата обврска, истакна директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на вечерашнава прес-конференција.
|