20.04.2013, 11:27 Первез Мушараф останува во притвор уште две недели
Пакистанскиот антитерористички суд денеска го продолжи притворот на поранешниот претседател Первез Мушараф на уште две недели заради отпуштање судии додека бил на власт.
- Судот го испрати генерал Мушраф во судски притвор на две недели, им кажа на новинарите Мухамад Амджад, портпарол на партијата на Мушараф Сепакистанска муслиманска лига, јавија француските медиуми.
„Нашите адвокати ги негираа обвинувањата дека генерал Мушараф отпуштал судии и дека нив и нивните семејства шест месеци ги држел во домашен притвор. Тоа апсолутно е неточно“, рече Амджад.
Мушараф денеска се појави во судот под силни мерки на безбедност, додека неколку стотини адвокати, кои се против поранешниот претседател, извикуваа пароли против него и се туркаа со обезбедувањето.
Мушараф вчера беше уапсен во Исламабад и изведен пред суд каде е обвинет за предавство додека бил на власт. Потоа му било дозволено да се врати дома, за подоцна да биде префрлен во полициски притвор. Засега не е познато дали Мушараф ќе остане во полициски притвор или ќе биде испратен во затвор.
Судот го нареди апсењето на Мушараф бидејќи му беше одбиено барањето да се брани од слободае во врска со неговата спорна одлука од 2007 година кога го суспендира уставот и прогласи вонредна состојба и притоа смени повеќе судии.
Мушараф на 24 март се врати во Пакистан по четири години минати надвор од земјата, а против него се покренати три обвиненија: првото го товари дека во 2007 година не сторил доволно за да го спречи убиството на поранешната премиерка Беназир Буто, второто се однесува на убиството на племенски лидера во 2006 година, а третото го товари за смената на судии во 2007 година.
Иако му е одобрено да учествува на парламентарните избори на 11 мај, на Мушараф пред два дена му беше одбиена кандидатурата во сите четири изборни единици.
|