19.04.2013, 12:23 Рен: Драго ми е што на Македонија и оди добро во економијата
Kомесарот за економски и монетарни прашања во Вашингтон зборуваше заедно со некои од врвните функционери задолжени за справување со евро-кризата
Драго ми е што на Македонија и оди добро во економијата, изјави евро-комесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен, на панел на институтот Брукингс во Вашингтон.
Рен, кој во Македонија е познат како комесар за проширување на Унијата од 2004 до 2010 година, во Вашингтон зборуваше заедно со некои од врвните функционери задолжени за справување со евро-кризата. Најави дека во текот на следната година може да се очекува конечно европските економии повторно да почнат да растат.
Прашан за споредба меѓу економската криза во јужните членки на ЕУ, и економската стабилност и раст во соседните држави од југот на Европа, кои се надвор од Унијата, како Македонија и Турција, рече дека е позитивна вест што на овие земји им оди добро во овој период.
- Тука дојдов директно од пленарна седница на Европскиот Палрамент каде се зборуваше за Кипар и имаше навистина едно бомбардирање против програмата на европската Тројка и, поради некоја причина, против Европската Комисија. Ова се сериозни прашања и навистина потребно ни е градење мостови во Европа, меѓу стабилноста и солидарноста. Конечно, за Македонија и за Турција, сакам само да кажам дека е добра вест што на вашите земји, релативно гледано, им оди навистина добро во овој период. Во изминатите 20 години економскиот развој на Турција беше импресивен. Турција успеа да го зацврсти економскиот развој благодарение и на својата европска перспектива и ќе и оди навистина добро во иднина, изјави Рен.
Тој своето обраќање го почна со оценка дека периодот од неговата кариера, кога се ангажирал со тешки прашања како што биле евро-интеграциите на Турција и стабилизирањето на западниот Балкан, во споредба со сегашната европска криза, го памети како „старите добри времиња“. Оцени дека моделот на економски раст на Европа врз основа на постојаното задолжување е напуштен и оти е неопходно да продолжат тешките реформи и кратења на буџетите во државите членки, паралелно со градењето на европска монетарна структура, со поврзување во банкарска унија.
Особен интерес предизвикаа излагањата на германскиот економист Клаус Реглинг кој го води фондот за санирање на проблематичните држави ЕФСФ и на новоименуваниот шеф на евро-групата, младиот холандски министер за финансии Жерун Дејселблум.
Реглинг инсистираше дека Европската унија ги исполнува своите обврски што се однесува до солидарноста со државите од југот на Унијата кои се соочија со неодржливи долгови.
- Никој не негира дека има сериозни проблеми во југот, ова се држави во криза. Сите европски држави демонстрираа солидарност и обезбедија средства, што не беше лесно. Но, ако Турција, Бразил, Индонезија и Кореја, не ги спроведеа своите ММФ програми во изминатите 20-30 години, денес немаше да бидат ѕвезди во економските перформанси. Но, сакам да кажам дека сме свесни, не ги негираме овие проблеми, рече Реглинг.
Дејселблум ги потсети европските земји на неопходноста да обезбедат балансирани буџети, без високи дефицити, иако и самиот призна дека има проблеми со комесарот Оли Рен да го оправда повисокиот од дозволеното дефицит на неговата Холандија. Тој ги бранеше мерките кои се применуваат во задолжените држави, како што е зголемувањето на старосната граница за пензионирање, бришењето на синдикалните договори, намалувањето на социјалните и работничките права.
Учесниците на панелот, меѓу кои беа и членот на одборот на Европската централна банка Јорг Асмусен, претседателот на Европската инвестициска банка Вернер Хојер и поранешниот турски министер за економија Кемал Дервиш, го потврдија контроверзното правило донесено во случајот на Кипар дека идните банкарски кризи ќе се решаваат со удар на лицата кои, како што кажа Дејселблум, профитирале од работата на банките. Ова се однесува на заштедите поголеми од 100.000 евра депонирани во банките кои ќе се соочат со неликвидност.
Вашингтон деновиве е домаќин на редовните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, на кои учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки од целиот свет, меѓу кои и вицепремиерот и министер за финансии на Република Македонија Зоран Ставревски. (МИА) |