18.04.2013, 12:33 „Фиром реквием“ - концерт со нови дела на Александар Пејовски
Концертот претставува музичко-идеолошки омаж на американскиот и источноевропскиот минимализам од седумдесеттите години на минатиот век
„Фиром реквием“ е насловот на концертот на македонскиот композитор Александар Пејовски, кој ќе се одржи вечерва во Младинскиот културен центар во 20 часот, воедно и заеднички наслов на неговите нови четири дела. Станува збор за композиции напишани за женски хор, гудачки оркестар, пијано, органа, харфа, челеста и лента, кои ги носат насловите „Одбројување“, „Ерга омнес“, „Транс Фиром експрес - Гласверк“ и „Миса Бревис - во сеќавање ��а Хенрик Миколај - Горецки“ со пет става: Кирије, Глорија, Кристе, Амен и Агнус Деи. Диригент на концертот ќе биде Сашо Татарчевски.
Концертот, како што вели Пејовски, претставува музичко-идеолошки омаж на американскиот и источноевропскиот минимализам од седумдесеттите години на минатиот век. „’Транс Фиром експрес‘, преку минималистичкиот жанр карактеристичен за 70-тите, создава музичка слика за возот ’Фиром експрес‘, кој со векови го бара излезот од лавиринтот и постојано пристигнува на едната иста станица. Композициите ’Ерга омнес‘, ’Одбројување‘ и ’Миса Бревис‘, пак, даваат трансцедентна димензија на дневната политика и поинакво музичко толкување на максимата ’Зоон Политикон‘, каде што политичката свесност и партиската припадност не се синоними. Секако, со доза на иронична (автоиронична) дистанца“, вели Пејовски. (Т.И.) |