15.04.2013, 09:23 Почина британски диригент Сер Колин Дејвис
Toj e еден од највлијателните диригенти на 20. и 21. век, маестро кој повеќе од половина век го помина со Лондонскиот симфониски оркестар
Сер Колин Дејвис, еден од највлијателните диригенти на 20. и 21. век, маестрото кој повеќе од половина век го помина со Лондонскиот симфониски оркестар, почина во неделата на 85 годишна возраст. Од 2007 година, Сер Колин Дејвис стана претседател на престижниот Лондонски симфониски оркестар, од 1995 година беше негов главен диригент, но беше наедно и главен диригент со најдолг стаж на овој познат оркестар. Во негово време, ќе се реализираат некои од најдобрите изведби на сите времиња, како „Фа��стаф“ на Џузепе Верди, „Самсон и Далила“ на Камиј Сен-Санс или „Питер Гримс“ на Бенџамин Бритн. Неговите интерпретации на музика од Сибелиус, Елгар, Берлиоз, Бетовен, со чешка музика, ќе останат запаметени во историјата на класичната музика како врвови во уметничкото создавање на Лондонската симфонија. Многу од настапите на Сер Колин Дејвис со Лондонскиот симфониски оркестар се снимени за „ЛСО Лајв“, нивната сопствена дискографска куќа. За изведбите на „Фалстаф“ од Верди и „Тројанци“ од Берлиоз ќе ги добие двете престижни награди „Греми“.
Сер Колин Дејвис настапуваше насекаде низ светот и неговиот придонес во класичната музика ќе остане запаметен како еден од најголемите, односно ќе го смести во редот на маестрата како Херберт фон Карајан. Македонскиот диригент Борјан Цанев во 2001 година беше асистент диригент на Сер Колин Дејвис во продукцијата на операта „Дон Џовани“ од Волвганг Амадеус Моцарт. Цанев ќе каже дека токму Сер Колин Дејвис ќе биде неговата најголема инспирација.
Улогата на Сер Колин Дејвис во британскиот музички живот е богатство. Роден е во Англија во 1928 година. Во една прилика ќе каже дека одсекогаш сонувал да биде диригент. Затоа и своето образование го насочил стриктно кон оваа професија. Критиката за него ќе каже дека тој постојано бараше предизвици во изведбата, а додека диригираше, во неговите очи се гледаше големата страст за класичната музика. (Т.И.) |