21.04.2013, 11:23 Лазаров блескаше против Барселона
Шест гола на македонскиот капитен во четврт-финалето од Лигата на шампионите
Кирил Лазаров е еден од најзаслужните за тоа што Атлетико Мадрид ќе патува со голема предност од 25:20 на реваншот со Барселона од четврт-финалето на ракометната Лига на шампионите в сабота во „Палау Блауграна“. Европскиот вицепрвак, кој сезонава ги загуби сите три дуела со Каталонците, ја надрасна и финансиската криза поради која му дозволи на Николај Маркусен да замине во Катар, а токму Лазаров даде значаен придонес за тоа до 53. минута, кога мораше да го напушти теренот во „Паласио Висталегре“ поради повреда. До моментот кога побара лекарска интервенција за болките во задната ложа на левата нога, најдобриот македонски ракометар имаше постигнато шест гола, со кои остана најефикасен играч во победничкиот тим заедно со Хоан Кањелјас, а таков ефект имаше и Сјархеј Рутенка во поразената екипа.
Половина од своите шест погодоци капитенот на македонската репрезентација даде со максимална реализација на седмерците, од кои два со лоб на најдобриот светски голман Арпад Штербик, а третиот со ефе покрај Даниел Шариќ! Лазаров посебно расположен беше во првото полувреме, кога учествуваше со четири гола во првите десет на црвено-белите.
Со бучна поддршка од 11.267 навивачи во затворената корида адаптирана за ракомет, Атлетико по почетните 4:4 ги презеде конците на играта во свои раце и не ги испушти до крајот. Силно мотивирани, домашните ракометари гинеа на теренот, на паузата заминаа со минимално водство од 11:10, а во второто полувреме постепено ги затворија речиси сите приоди кон сопствениот гол, па пет минути пред крајот ја достигнаа максималната позитива од 23:17. Толку беше непробојна одбраната на мадриѓаните во десетте минути што му претходеа на „пикот“ што Барселона во тој период постигна само еден гол, принудувајќи го својот тренер Чави Пасквал да спасува со тајм-аут. Неговите играчи имаа неколку можности за сериозно намалување на негативата по неколкуте дискутабилни одлуки на чешките судии Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни, но ги спречи 41-годишниот ветеран на противничкиот гол Хосе Омбрадос. Капитенот на Атлетико одбрани два седмерца во завршницата, го заврши мечот со 42 процента одбранети удари и стави печат на големиот триумф.
|