14.04.2013, 21:44 (ФОТО) Вардар про му го предаде пехарот на Загреб
Во финалето на СЕХА-лигата во Скопје загрепчани славеа со 25:24 по продолженијата, трет Металург по победата од 26:21 над Мешков Брест
ФОТО: Петр Стојановски
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Кроација осигурање Загреб е вториот освојувач на СЕХА-лигата, откако во финалето на завршниот турнир во Скопје го совлада бранителот на трофејот Вардар про со 25:24 по продолженијата и со тоа му се реваншира за поразот во полуфиналето лани во Загреб. Средбата по основните 60 минути заврши нерешено 21:21. Хрватскиот првак за триумфот доби 35.000 евра, македонскиот вицешампион 25.000, а на Металург му припаднаа 15.000 евра за третото место, кое го освои со победата од 26:21 над Мешков Брест.
Немања Прибак буквално во последната сек��нда избори продолженија, израмнувајќи на 21:21, откако во претходниот напад Лука Степанчиќ биеше покрај десниот дирек, а седум секунди пред крајот Јосип Валчиќ грубо стартуваше врз Илија Абутовиќ. Малку недостигаше во тие последни секунди вардарци да ја изгубат топката поради некоректното додавање од Владимир Петриќ, но топката на линијата од шест метри ја прибра Прибак и ја смести во мрежата на Филип Ивиќ.
На Металург му припадна почетокот на второто полувреме, кога во два наврата имаше два гола предност, а на загрепчани последната четвртина од мечот. Со успешно изведениот седмерец од Јерко Матулиќ три минути до крајот Кроација осигурање се одвои на 23:21 пред Вардар про да се врати преку Игор Карачиќ и Прибак, одведувајќи го мечот во продолженија 2х5 минути.
Црвено-црните и во финалето влегоа фуриозно како во полуфиналето со Металург, поведувајќи со 3:0, но гостите од Хрватска возвратија со сопствена серија за 5:4 во 11. минута. Десет минути подоцна загрепчани водеа и со 9:7 благодарение на петте гола на десниот бек Лука Степанчиќ, но до крајот на полувремето вардарци конечно најдоа одговор за поместувањето на противничката одбранбена формација на 9 метри. Со серија од 4:1, тимот на Веселин Вујовиќ замина на одморот со минимална предност од 11:10, за која е заслужен и голманот Страхиња Милиќ, кој одбрани осум удари во првиот дел.
К.О. Загреб - Вардар про 25:24
Основен дел: 21:21. Полувреме: 10:11. Сала: "Борис Трајковски" во Скопје. Гледачи: 3.500. Судии: Гуско и Репкин од Белорусија. Седмерци: Загреб 2/3, Вардар про 3/3. Исклучувања: Загреб 4 мин., Вардар про 4 мин. Црвен картон: Ј. Валчиќ од Загреб. Загубени топки: Загреб 11, Вардар про 17.
Кроација осигурање Загреб: Стевановиќ, Ивиќ (13 одбрани), Мариќ 1, Михиќ 1, Брозовиќ, Степанчиќ 7, Матулиќ 7, Шпрем, Шпилер 6, Шебетиќ, Батиновиќ, Хорват 2, Ј. Валчиќ 1, Сршен, Т. Валчиќ, Мандалиниќ. Тренер: Борис Дворшек.
Вардар про: Милиќ (13 одбрани), Даскалоски, Лазовиќ 1, Ојлески, Маркоски 1, Стоилов 1, Прибак 3, Драгаш 1 (1), Раковиќ 3, Петриќ 4, Јовчевски, Марковиќ 1, Лазаров 1, Карачиќ 5 (2), Рајковиќ 1, Абутовиќ 2. Тренер: Веселин Вујовиќ.
МИЛИЌ МВП НА ТУРНИРОТ
Идеална седморка на завршниот турнир во Скопје:
Лево крило: Јури Татарин (Мешков Брест)
Лев бек: Миладин Козлина (Металург)
Среден бек: Игор Карачиќ (Вардар про)
Десен бек: Лука Степанчиќ (К.О. Загреб)
Десно крило: Златко Хорват (К.О. Загреб)
Пивотмен: Стојанче Стоилов: (Вардар про)
Голман: Страхиња Милиќ (Вардар про).
Најдобар стрелец: Лука Степанчиќ (К.О. Загреб) со 14 гола.
Најдобар играч: Страхиња Милиќ (Вардар про).
|