21.04.2013, 14:32 Поп Ацев 18. на маратонот во Мексико
Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев го освои 18. место во конкуренција на 73 пријавени учесници на маратонот во Козумел, Мексико, од годинашната Гран-при серија на ФИНА. Патеката долга 15 километри на трката со награден фонд од 20.000 американски долари Поп Ацев ја исплива за 3:13,41 часа, десет минути побавно од победникот Симоне Руфини од Италија, кој стигна на целта по 3:03,22 ч.
Второто место го освои Брајан Рикеман од Белгија, а подиумот го комплетира Италијанецот Симоне Ерколи, кој остана лидер во вкупниот поредок по досега одржаните четири трки со 44 бода. Втор е Гилјермо Бертола од Аргентина со 29, трет со поен помалку неговиот сонародник Дамјан Блаум, кој во Козумел финишира веднаш по Поп Ацев, кој, пак, сега го дели петтото место со 16 бода.
Следната трка од Гран-при серијата ќе се одржи на 27 јули на езерото Сен Жан во Канада, каде што ќе с�� плива на патека од 32 км за награден фонд од 40.000 американски долари плус 6.000 канадски. Охридскиот маратон, закажан за 24 август, е претпоследен во календарот, годинава со фонд за награди од 10.000 долари. (Р.Д.)
|