22.04.2013, 13:59 Гран-при за малата, но голема Ања Ветерова!
Младата македонска пејачка настапи во придружба на 17-член оркестар, пеејќи ја темата на Селин Дион, „Because you loved me“
Младата македонска пејачка Ања Ветерова, наша поранешна јуниорска евровизиска претставничка, победи на престижниот фестивал „Сан Ремо јуниор 2013“! Ветерова настапи со темата „Because you loved me“ на Селин Дион и го освои првото место и Гран-прито на реномираниот фестивал, кој оваа година се одржа четврти пат, во периодот од 16 до 21 април.
„Ања е пресреќна и воодушевена од настапот со оркестарот бидејќи првпат пееше со оркестар. Конкуренцијата беше силна, сите пееја добро и имаа добри песни, а возбудата траеше до самиот крај, бидејќи не' држеа во неизвесност“, ни изјави од Италија, Ирена Ветерова, мајка на Ања. „Нејзиниот настап беше на 18 април, а завчера, на финалето, пееја само победниците. Кога пристигнавме во Аристон се виде дека е трета на програмата, но не знаеше што освоила, па прашувавме... Веќе беше среќна што конечно и без член во жирито нејзиниот талент почна да се вреднува. Кога ги повикаа сите учесници на сцена остана само првото место во нејзина категорија и мислеше дека само тоа ќе и' го доделат, но на крајот кога соопштија дека првото место и Гран-при одат за малата, но голема Ања Ветерова од Македонија, на нејзината и наша среќа им немаше крај!“
Ања Ветерова која е препознатлива, пред се', по својот хит „Магична песна“ („Еоо еоо“), настапи на „Сан Ремо“ во живо во придружба на 17-член оркестар. На фестивалот се натпреваруваа две групи солисти и инструменталисти, кои беа поделени во три возрасни групи, а во секоја од нив се доделуваше прво, второ и трето место. Гран-прито беше резервирано за еден учесник, а на наше огромно задоволство, пехарот заврши во рацете на претставничката од Македонија. Ања Ветерова веќе утре се враќа дома. (К.Ш.)
|