Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Онлајн Магазин
21.04.2013, 15:20
(ИНТЕРВЈУ) Срдан Голубовиќ: Постои голема апатија во српското општество



„Србија пак оди во рикверц, но тоа е синдром на балканските земји, два чекора напред, два назад, а всушност постојано се вртиме во круг“

Сунчица Уневска

Филмот „Кругови“ е многу потресен филм. Но, не затоа што зборува за војната или што не' соочува со таа ужасна трагедија кога Србите ќе убијат Србин затоа што сака да одбрани Бошњак. Тоа е потресен филм, пред се', поради начинот на кој зборува за доброто и за злото во нас самите и што не' тера да се соочиме со она што го носиме во себе. Зошто се одлучивте оваа приказна за Срѓан Алексиќ да ја раскажете баш на овој начин?

- Затоа што, всушност, не сакав да направам воен филм. За време на војната студирав и ние цело време демонстриравме против таа војна, но ништо не можевме да направиме. Таа позиција на некој кој бил од страна и кој се обидува себеси да се преиспита дали направил добро или не е некоја природна позиција за мене и за мојата генерација. Позиција на некој кој живеел во Белград, но не можел да го спречи злото, од друга страна, позиција на една генерација која во тоа време имала 18, 19 или 20 години и која на некој начин е жртвувана, што, дефинитивно, го обележи нашиот живот во времето на 1990-тите години.

Затоа, би рекол дека ова е генерациски поглед на тоа време, тоа е ставот на мојата генерација, како што е став на генерацијата на Богдан Ракита (чиј татко е еден од убијците), кој не сака да има ништо со тоа и сака да живее свој живот. Тоа е онаа генерација на луѓе кои тогаш биле деца и која, исто така, има право на некој нов поглед. Интересно е како еден историски настан различните генерации различно го толкуваат. Се трудев во филмот да ги има сите ликови кои одговараат на одредени генерации, како Ранко (таткото на Срѓан), чија позиција е исто трагична, и кој, исто така, има право да има свое мислење за војната.

Преку овој филм Срѓан Алексиќ на некој начин се претвори во симбол, првенствено затоа што успевате преку неговата бесмислена смрт да проговорите за сите воени трагедии во кои човечкиот живот не вреди ништо. Но, и затоа што ова е силен антивоен филм, кој со својот универзален јазик испраќа порака секаде во светот. Вие бевте на американскиот фестивал во Санденс, а бевте и во Берлин, има ли разлика во тоа како публиката го прими Вашиот филм?

- Ова ми е трет филм и никогаш досега не сум доживеал некој мој филм да се толкува различно на различни краеви на светот. Мислам дека доколку филмот има интересна приказна, живописни јунаци, добри односи, ако има сила емоција, публиката секаде го чита тоа на ист начин. Различни се аглите на набљудување, особено во поглед на информираноста на некоја средина, но и во однос на емоционалниот влог. За мене беше интересно како на проекцијата во Скопје луѓето го доживуваа толку емотивно како нивна приказна, бидејќи тоа е приказна која овде нас сите длабоко не' потресува, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, тоа е наша приказна и ние на неа гледаме лично. Некоја друга публика гледа поинаку.

Американците не знаат за нас ништо, не знаат ни кој војувал, ни како, ни кога, ни зошто, но тие многу интересно го примија, како универзална приказна, која може каде било да се случи и на нив тој контекст не им беше воопшто важен. Додека во Германија, во Берлин и во Визбаден имаше многу политичко гледање, прашањата беа низ политичка призма, која воопшто не е точна. Тоа се еден вид предрасуди за нас. Некогаш е подобро да не знаеш нешто отколку да си полуинформиран, бидејќи полуинформацијата е полоша, тоа е предрасуда. Како и цела Европа, така и Германците за нас имаат многубројни предрасуди, а мислат дека знаат многу. Тие нас не' сфаќаат низ еден ужасно поедноставен политички модел, кој не одговара на комплексноста на духот што Балканот го носи. Филмот помина одлично кај обичната публика во Германија, која беше доволно стрплива, која сакаше да разбере кои се тие луѓе, не која е политичката заднина, туку што навистина им се случило на тие луѓе.

Што се случува по едно вакво херојско дело? Главната оска околу која се врти Вашиот филм е прашањето на таткото на Срѓан, зарем кога некој ќе направи добро дело, тоа никому не му значи ништо? Па, сепак, Вашиот филм, и покрај целата трагедија, е оптимистичен, бидејќи покажувате дека верувате во добрината на луѓето, во нивната желба да простат и да се искупат. Дали верувате дека тоа е навистина така или тоа е Вашата порака?

- Верувам дека големото мнозинство, дури една бројка од 99 проценти луѓе во светот се добри и дека во себе имаат голем потенцијал да бидат добри, но околностите и односите ги прават да не бидат такви. Мислам дека „Кругови“ е тежок, но позитивен филм, бидејќи таа реченица изговорена во една негација, всушност, на некој начин сугерира дека, сепак, им значи тоа на луѓето. Ми беше важно да направам филм кој носи порака и кој има транспарентна идеја. Мислам дека е многу поголема провокација на публиката и да оставиш едно такво прашање, и по излегувањето од салата секој човек да го носи тоа прашање со себе и да се запраша дали би постапил така, дали кој било од нас би го направил тоа. Моја желба беше тоа прашање да го мачи секого.

Од друга страна, тука е неговиот другар кој не направи ништо...?

- Не беше само тој, стоеја тука и други луѓе кои не направија ништо. Но, моја желба беше да не ги осудувам, бидејќи во таа ситуација е тешко кој било нешто да направи. Тоа е товар што Небојша ќе го носи до крајот на животот. Тој е единствен кој на крајот во филмот не победи, неговата победа е горчлива, но тој го направи тоа што мораше, тоа што би го направил Марко (Срѓан), спаси живот. Го направи тоа поради Марко, инаку би ја поништил целосно неговата постапка и идејата дека доброто се враќа со добро. На тој начин би го извртел она што ние во животот добро го знаеме, а тоа е дека злото раѓа зло, тоа е механизам кој е непогрешлив, но јас сакав да се занимавам со тоа дали доброто раѓа добро, што не е секогаш случај.

Во Србија имаше и некои екстремни реакции, дека ова е антисрпски филм. Напротив, моето мислење е дека искреноста и отвореноста со која зборувате за доброто и злото значи една самосвест и подготвеност за надминување. Дали тие реакции влијаеја на односот кон филмот, како беше примен овој филм во Србија?

- Тоа е компликувано прашање, бидејќи овој филм на Србија и' е многу важен. Премиерата беше силна и катарзична, публиката која го чекаше имаше големи очекувања, тоа беше нешто најсилно и најтрогателно што го доживеав. Се создаде некоја енергија која и' се случи на граѓанска Србија, на луѓето кои сакаа јавно да го покажат својот став, кој не е политички, туку човечки. Филмот им беше многу важен. Освен тоа, тој предизвика и многу написи, не само на филмските критичари, туку и на социолози, за неговиот феномен и за неговото значење за општеството.

За жал, тој филм не успеа да има голема гледаност и да ја придобие онаа друга публика во Србија која не го очекуваше. Тој направи некаде околу 50.000 гледачи, што е малку. Но, постои една голема апатија во српското општество денес, една незаинтересираност да се занимаваме со она што ни се случило, со коренот на проблемот зошто денеска сме овде каде што сме. Станува збор за многу повеќе апатија отколку една искрена, жестока намера да не се занимаваме со тоа време. Има многу луѓе кои не сакаат да ги бараат причините, кои сметаат дека занимавањето со причините и со сопствената вина е кукавички, но јас мислам дека е обратно. Дека тоа е храбро и дека на српското општество тоа денес му треба. Бидејќи, Србија пак оди во рикверц, одевме напред со чекорот на мравка, но сега пак одиме назад, тоа е постојан синдром на балканските земји, два чекора напред, два назад, всушност, постојано се вртиме во круг и не одиме нигде.

Интересно е дека и во овој филм, а и во Вашите претходни филмови „Апсолутни сто“ и „Стапица“, се занимавате со морални прашања. Со оглед на тоа дека сте доста млад, од каде таа „опседнатост“ со тие прашања, со потребата да зборувате за човечката слабост и храброст, за екстремите во нашето однесување, а понекогаш и за оправданото зло како своевиден баланс поради неправдата во светот?

- Тоа веројатно доаѓа од моето чувство дека постојано живеам во едно време кое не е праведно, па затоа и сум изградил силна потреба да зборувам за правда. „Апсолутни сто“ е клучен филм во мојата кариера, кој беше создаден од еден огромен бес, од желба нешто да се промени, па и по цена со оружјето на злото да се бориме против злото. Тогаш имав 28 години, бев бунтовен и енергичен и сакав да се занимавам со прашањето дали е тоа праведно и дали имаме право така да се однесуваме. Тој филм почнав да го снимам во времето на режимот на Милошевиќ, а го завршив и излезе по 5 октомври. Но, тоа е филм кој длабоко зборува за времето на Милошевиќ.

Низ „Стапица“ и „Кругови“ се трудев да видам дали тоа време се промени, но, за жал, суштински не е променето. Ние и понатаму живееме во време на неправда, само денес таа има некоја друга форма. Така, прашањето на правдата и човечноста е нешто што можеби денес ни треба повеќе оттогаш. За нас во Србија во време на Милошевиќ имавме противник и гледавме излез, денес немаме противник и не гледаме излез, а неправдата е слична.





























Статијата е прочитана 1819 пати.


Испрати коментар



Промоција на „Режисерски белешки“ на Боро Драшковиќ
(ФОТО) Одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право
„Куќа со кула“ и „Седум психопати“ на „Скопски фестивал“
„Ордо темпли ориентс“ - нова религија меѓу холивудските ѕвезди
(ВИДЕО) Зависни од афро-кубанскиот ритам на Оскар Салас
Почина Ричи Хевнс, иконата на Вудсток
„Случки од животот“ ја отвора дигиталната ера на МТВ
Гран-при за малата, но голема Ања Ветерова!
Битола подготвена за фестивалот на монодрамата
Влезниците за „Оф-фест“ пуштени во продажба
(ФОТО) Едноставно, но ефектно отворање на „Скопски фестивал“
„Кругови“ на Срдан Голубовиќ го отвори 16. Скопски филмски фестивал
„Хеда Габлер“ и „Дива“се подготвуваат во Битолскиот народен театар
Позитивно лудило на концертот на „Ла Колони Волвокс“
(ФОТО) Изложбата на Хенри Мур собра многу публика
Со „Кругови“ стартува „Скопски филмски фестивал“
Роман Абрамович доби ќерка со Даша Жукова
„Фиром реквием“ - концерт со нови дела на Александар Пејовски
„Локомотива“ и ЦАЦ добија награди од Швајцарската програма за култура
„Убиј ги децата“ доби Гран-при на „Лица без маски“
Концерт на „Ла Колони Волвокс“ и промоција на албумот „АЕИОУ“
Македонски филмови на „Скопски фестивал“
Премиера на „409“ на Даријан Пејовски
„Изгубени Германци“ за отворање на Фестивалот на монодрама
Изложба на Стефан Димовски во Музејот на Град Скопје
(ВИДЕО) Англиско-ромска верзија на „Пред да се раздени“
(ВИДЕО) Дали „Џентлмен“ е новиот „Гангнам стајл“
Претстави на првите дипломци по современ танц
Анушка Шанкар и Кимо Похјонен на „Оф-фест“
(ФОТО) Финале со парискиот шарм на „М Кутур“ од Мила Кадриу
(ФОТО) Катарина Ивановска - Најсекси се чувствувам кога сум гола
Прво интервју со сопругата на Стив Џобс по неговата смрт
Почина британски диригент Сер Колин Дејвис



„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

    


Site Meter


Време
Скопје, 21°C

Делумно облачно

Вторник
Делумно облачно
Макс: 21°C, Мин: 9°C

Среда
Делумно облачно
Макс: 26°C, Мин: 9°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Вкусен агол
Бомбашите од Бостон планирале и други напади
Републиканците побараа одговори на прашањето дали ФБИ потфрлилo во истрагата за радикалните исламисти...
(ВИДЕО) Сто најдобри песни според „Ролингстоун“

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Забава | Хороскоп |