23.04.2013, 13:15 Кери ја налути Анкара за Појасот Газа
Официјална Анкара упати критики до американскиот државен секретар Џон Кери поради неговото барање турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган да ја одложи планираната посета на палестинските територии во Појасот Газа.
- Изјавата на Кери не беше целосно дипломатска. Нашата Влада треба сама да одлучи каде и кога ќе одат премиерот или турски официјален претставник, изјави турскиот вицепремиер Булент Аринч.
Ердоган, кој долги години зборува за својата желба да ги посети палестинските територии, минатата недела истакна дека планира кон крајот на следниот месец да замине во посета на Појасот Газа, по официјалната посета на САД на 16 мај.
За време на посетата на Турција, Кери побарал од турскиот премиер да го одложи патувањето во Појасот Газа, со цел да не се нарушат напорите на Вашингтон „за оживување на врските“ меѓу Анкара и Ерусалим, како и блискоисточните мировни преговори.
- Изјавата на Кери, од дипломатска перспектива, е за осуда, погрешна е и некоректна, нагласи Аринч.
|