22.04.2013, 13:25 МНР го поздрави договорот меѓу Србија и Косово
Министерството за надворешни работи го поздрави прифаќањето на „Првичната спогодба за начелата за нормализирање на односите“ од страна на Белград и Приштина, уверено дека тоа не само што отвора ново поглавје во односите меѓу двата народа, туку претставува и силен импулс за затворање на отворените прашања во регионот, со цел негова стабилизација, натамошен развој и целосна евро-интеграција.
„Во овие рамки, ги поздравуваме визионерските одлуки на премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, како и посветеноста на меѓународната заедница, особено високиот претставник на ЕУ, Кетрин Ештон, кои покажаа дека до решенија може да се стигне само со меѓусебен дијалог, почитување на европските вредности и заемно разбирање“, се вели во соопштението од МНР.
Во врска со ова, министерот Никола Попоски изјави д��ка и македонски интерес е сите во соседството да напредуваат во интеграциските процеси. „Прифаќањето на спогодбата меѓу Србија и Косово ги охрабрува сите оние кои работат за постабилен и просперитетен Балкан. Македонски интерес е сите во соседството да напредуваат во интеграциските процеси. Ова е навистина момент за поздравување“, вели Попоски. |