22.04.2013, 15:30 Пипан ќе тестира во Турција и во Кина
Словенецот реши кошаркарите од поширокиот список да ги тестира на Медитеранските игри во Мерсин од 18 до 25 јуни и на турнир во Кина од 12 до 23 јули
Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Алеш Пипан пред стартот на подготовките за претстојното Европско првенство 2013 во Словенија играчите ги подели на сигурни патници и тие што ќе се борат за место на конечниот список. За изборот да биде коректен, Словенецот реши кошаркарите од поширокиот список да ги тестира на Медитеранските игри во Мерсин од 18 до 25 јуни и на турнир во Кина од 12 до 23 јули, каде што црвено-жолтите ќе ги предводи помошникот Марјан Србиновски.
На списокот на Пипан за двата турнира се најдоа Александар Костоски, Огнен Стојановски, Димитар Караџовски, Дарко Соколов, Марко Симоновски, Горјан Марковски, Стојан Ѓуроски, Кире Николовски, Бојан Трајковски, Бојан Крстевски, Александар Штерјов, Владимир Брчков, Марјан Јанески, Јован Марковски , Марјан Младеновиќ. Иако во првичните планови на Пипан не беше Предраг Самарџиски, сепак, поради загубениот статус во Црвена звезда, тој најверојатно ќе го предводи списокот на кандидатите.
Од вкупно 16 кошаркари дополнително ќе бидат избрани 12, кои ќе му бидат на располагање на Србиновски во Турција и во Кина, па од нив ќе се бараат преостанатите пет патници на Евробаскетот, кои ќе им се приклучат на сигурните патници. Засега своето место во репрезентацијата го потврдија Перо Антиќ, Лестер Бо Мекејлеб, Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски, Ѓорѓи Чековски, а под знак прашање се' уште се Владо Илиевски и Тодор Гечевски. (М.К.)
|