23.04.2013, 15:56 Промовирана мобилна гинеколошка амбуланта
Мобилна гинеколошка амбуланта за сексуално и репродуктивно здравје е промовирана денеска во кругот на Министерството за здравство. Станува збор за возило набавено од Министерството, со средства од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, а во соработка со невладината организација ХЕРА.
Министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека во мобилната гинеколошка амбуланта ќе се обезбедат гинеколошки услуги во повеќе рурални области низ Македонија и во неа ќе може да се направи ПАП тест, гинеколошки основен преглед, ЕХО и вагинално и абдоменално, како и да добијат советување за сексуално преносливи инфекции и бесплатна контрацепција.
Тој посочи дека возилото е комлетно опремено со гинеколошки стол, Ехо апарат, клима уред, агрегат за електрично напојување и неговата првенствена улога не е да биде поставено во ц��нтрални градски подрачја туку во тешко достапни рурални места.
- Од ХЕРА е обезбеден и микроскоп кој може да биде инсталиран внатре и со кој може да се даваат и друг тип здравствени услуги, како што се дерматовенеролошки услуги и да биде опфатена и машка популација. Идејата е сериозно да инвестираме во превенција која секогаш се исплати. Ова е еден одличен проект кој е насочен во тој правец, рече Тодоров.
|