21.04.2013, 16:25 ЕУ извори: Србија ќе добие датум
Министрите на земјите-членки на Европската унија во понеделник ќе му предложат на Европскиот совет во јуни да и' додели на Србија датум за почеток на преговори за приклучување кон ЕУ, дознава Танјуг од дипломатски извори во Брисел. „Таа препорака нема да биде безусловна, бидејќи двете страни треба да докажат дека имаат намера со добра волја да почнат да го применуваат договорот“, изјави за Танјуг висок дипломат кој сакаше да остане анонимен. Тој објасни дека до јуни има време шефовите на држави и на влади од ЕУ, кои во почетокот на јуни ќе се состанат во Брисел, да потврдат дека и Белград и Приштина почнале да го применуваат договорот. „Ако не излезат непредвидени проблеми со спроведувањето на договорот, ќе нема нови услови“, рече изворот. Тој не ја исклучи можноста на состанокот на Министерскиот совет во понеделник некои земји-членки да изразат критики за Србија, во врска со прашањата кои не се врзани за Косово, туку за внатрешните реформи, но изрази цврсто уверување дека таквите забелешки нема да бидат усвоени како повод за условување. (Политика)
Дачиќ: Ештон ми вети датум
Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави за „Блиц“ дека добил уверувања од Кетрин Ештон дека Србија ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ. „Ја запрашав високата претставничка за надворешна политика, Кетрин Ештон, дали Србија ќе добие датум. Одговорот беше потврден. Ештон рече: ’Датум се подразбира’“ изјави Дачиќ за весникот „Блиц“. Премиерот, сепак, рече дека датумот не е награда за постигнатиот договор меѓу Белград и Приштина во Брисел. „Во ниту еден момент никој од нас не се согласи со условите кои не се доволна гаранција. И кога одбивавме договор, датумот не ни беше примарен, ниту сега кога е парафиран, но кога го содржи она што го бараше српската страна“, рече Дачиќ. Тој повтори дека со постигнување на договорот со Приштина, Србија не ја признава независноста на Косово. (Бета)
|