22.04.2013, 12:28 Малите парцели проблем на македонското земјоделство
Фрагментацијата на земјоделското земјиште се` уште е еден од клучните проблеми на македонскиот аграр. Ситните парцели ги намалуваат продуктивноста и ефикасноста, а ги зголемуваат трошоците што се одразува врз крајните приходи на производителите, како и на конкурентноста. Ова е заклучокот од денешната Регионална работилница за развој на пазарот на земјиште и земјишна консолидација во земјите од ЕУ.
- Фрагментацијата на земјиштето и малиот обем на земјоделските стопанства се главните фактори што го спречуваат подобрувањето на конкурентноста на пазарот. Имајќи предвид дека во Македонија како и во поголемиот дел од Централната и Источна Европа проблемите што произлегуваат од расцепканоста на земјоделските површини и од малите фарми го отежнуваат развојот на земјоделст��ото и руралните средини, по распределбата на секое парче државно земјоделско земјиште, сега, поголемиот дел од активностите се насочени кон консолидација, односно окрупнување на површините, рече ресорниот министер Љупчо Димовски кој ја отвори работилницата.
Тој очекува консолидацијата да придонесе за обновување на руралните општини, за поголем економски развој и заштита и подобрување на управувањето со природените ресурси.
Во Македонија просечната големина на земјоделски стопанства од 2,5 до 2,8 хектари и на катастарските парцели од 0,3 до 0,5 хектари се далеку под големината на парцелите на земјоделското земјиште во ЕУ. Околу 40 отсто од приватните стопанства се помали бизниси и имаат земјоделско земјиште помало од 2 хектара. |