22.04.2013, 11:38 „Луфтханза“ ги откажа речиси сите летови поради штрајк
Германскиот авиопревозник „Луфтханза“ ги откажа повеќето домашни и меѓународни летови од шест германски аеродроми поради штрајкот на вработените, соопшти денеска компанијата.
Од речиси 1.800 планирани летови за денеска, ќе сообраќаат само 32, изјави портпарол на „Луфтханза“.
Синдикатот Верди, кој застапува 33.000 вработени во германскиот национален авиопревозник, за денеска најави еднодневен штрајк, откако последната рунда преговори за платите заврши без успех.
„Луфтханза“ минатата недела го отфрли барањето на синдикатот за зголемување на платите од 5,2 отсто во следните четири години.
Несогласувањето околу платите се заканува да предизвика хаос во транспортот ширум Германија.
|