22.04.2013, 12:21 Вујановиќ реизбран за претседател на Црна Гора
Државната изборна комисија на Црна Гора соопшти денеска дека според конечните резултати од претседателските избори, кои се одржаа на 7 април на чело на државата повторно ќе застане Филип Вујановиќ, кој освоил 51,21 отсто од гласовите.
Неговиот противкандидат Миодраг Лекиќ освоил 48,79 отсто, покажуваат конечните резултати. Одѕивот на гласачите на претседателските избори ознесувал 63,9 отсто.
Изборниот штаб на Лекиќ соопшти претходно дека не ги признава резултатите од изборите. На протестот во саботата приврзаниците на Лекиќ ја обвинија Демократската партија на социјалистите, чиј кандидат беше Вујановиќ, за кражба на гласови и побараа поништување на резултатите и закажување нови претседателски избори.
Ова е третиот мандат на 58-годишниот Вујановиќ. Првиот мандат му беше пред излегувањето на земјата од заедничката држава со Србија. Во неговата политичка кариера тој ги заземал сите највисоки функции во Црна Гора - министер за правда, министер за надворешни работи, премиер, претседател на Парламентот и претседател на државата. |