22.04.2013, 13:43 Косовските Срби не го прифаќаат договорот од Брисел
Србите од северниот дел на Косово денеска одржаа протест во Косовска Митровица од каде порачаа дека не го признаваат постигнатиот договор во Брисел за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
На протестот, кој се одржа под името „Северно Косово и Метохија останува во Србија“, исто така, е побарано српските граѓани да се изјаснат на референдум за предложениот договор и беше оценето дека „е време за основање Собрание на Автономната покраина Косово и Метохија“.
Заменик-директорот на владината Канцеларија за Косово Крстимир Пантиќ во петокот на прес-конференција во Звечан истакна дека врз основа на она што се гледа во договорот тој е апсолутно неприфатлив, бидејќи се предвидува полицијата и судството да бидат во рамки на косовските закони и нема никакви врски с�� српските институции, оценувајќи го како дефинитивно повлекување на Србија од оваа територија.
- Ние ќе се консултираме со нашите граѓани за натамошните чекори и доколку расположението на нашите граѓани е такво, а сигурен сум дека ќе биде, тогаш ние ќе ја продолжиме борбата и нема да дозволиме овие, како и сите претходни договори, да се спроведат на терен, истакна Пантиќ.
Тој ги повика граѓаните да останат мирни да и дадат поддршка на локалната самоуправа, да не им потклекнуваат на емоциите и да останат храбри какви што биле во изминатите 14 години, а од српскиот премиер Ивица Дачиќ побара да го посети Косово и да им објасни на граѓаните што потпишал во Брисел. |