22.04.2013, 13:29 Изненадувачки пад на цената на горивата
Цената на бензинот е намалена за 4,5 денари, а на дизелот за 3,5
Значително поевтинуваат горивата. Веста дека цената на бензинот е намалена за 4,5, а на дизелот за 3,5 денари, денеска ги изненади возачите.
Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека литар ЕУРОСУПЕР БС 95 новата цена изнесува 78 денари, а ЕУРОСУПЕР БС 98 - 79,5 денари.
Литар ЕУРОДИЗЕЛ се продава по 67 денари, а екстра лесното масло за домаќинства по 55,5 денари за литар.
Малопродажната цена на мазутот М-1 ХЦ се намалува за 2,2 денари за килограм, односно на 40,243 денари.
Во просек малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат за 5,33 проценти. Регулаторите информираат дека одлуката за намалувањето ја донеле врз основа на просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар и курсот на денарот во однос на доларот во изминатите две недели. Вакво намалување на цената на горивата последен пат се случи лани во номеври, но претходно со месеци таа постојано растеше.
Инаку, додека кај нас поевтинуваат горивата, на светските берзи таа деновиве повторно расте. Цената на суровата нафта денеска се зголеми, откако трговците го искористија минатонеделниот пад на цените, додека инвеститорите ги чекаа новите економски податоци од Кина. Американската „лесна“ нафта, за испорака во текот на следниот месец, на берзата во Њујорк поскапе за 50 центи, на 88,51 долари за барел. На берзата во Лондон, според која се регулираат и цените во земјава, северноморската „брент“ нафта поскапе за 44 центи, на 100,09 долари за барел, повторно надминувајќи ја границата од 100 долари, што беше пробиена на почетокот на минатата недела по соопштувањето на полошите показатели од очекуваните за растот на кинеската економија во првиот квартал. Цената на нафтата минатата недела падна како резултат на слабите економски показатели од Кина, а „брент“ нафтата во еден момент се спушти на деветмесечниот минимум поради пазарните шпекулации дека ОПЕК планира да го намали производството. (Ек.Р.)
|