18.04.2013, 14:23 Скопјанка ранета со пет куршуми, додека била на гости
Дваесет и петгодишната девојка е хоспитализирана, по нападот кој се случил во населбата Шуто Оризари
Дваесет и петгодишна скопјанка е ранета со пет куршуми додека седела на кафе кај соседите. Според полицијата, овој несекојдневен настан се случил денеска изутрина околу 2,20 часот на улицата „Брсјачка Буна“ во Скопје, во куќата на Н.И.(62) во скопската насела Шуто Оризари. Во гостинската соба на приземјето од куќата седеле домаќинката, нејзината 37-годишна ќерка и 16–годишната внука, кога непознато лице почнало да пука од терасата.
Според сознанијата на полицијата, непознатиот напаѓач дошол до едно крило од вратата на терасата на гостинската соба и кршејќи го двојното термопан-стакло, почнал да пука во собата каде што седеле жените. Тој испукал шест куршуми, од кои пет завршиле во 25-годишната Ѓ.Д. Таа веднаш со возило на Брза помош била пренесена во Ургентен центар - Скопје, каде дежурен лекар констатирал дека се работи за тешки телесни повреди (една влезно-излезна рана во левата рака, една влезна рана во левата града, една влезна рана во левата надколеница, една влезна рана во левата бутина и една влезна рана во пределот на градниот кош).
Повредената потоа е префрлена на интензивна нега во КАРИЛ за понатамошно лекување . На местото на настанот е извршен увид од екипа од СВР Скопје и во тек се мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот. (Х.Р.)
|