19.04.2013, 15:21 Позитивно лудило на концертот на „Ла Колони Волвокс“
Сашо Гигов-Гиш и неговата извонредна дружина не' понесоа на несекојдневно патување низ друго време и други простори, на вчерашната промоција на албумот „АЕИОУ“ во „Фросина“
Тина Иванова
Низ автентичното движење на богомилите да ја слушате химната на катарите, па да стигнете до песните на трубадурите и минезенгерите, да се вратите да ве милуваат албанските песни од Епир, но во исто време да ја слушате детската „Думба думба дивина“ и да отпатувате назад во 14 век за да ги препеете Симон и Гарфанкел или „Лед цепелин“ и да д��јдете до „Across the universe“ на Џон Ленон во 7/8 ритам која се претопува во Бетовеновата Деветта, за на крајот да заврши со мантрата Харе Кришна. Ова не е некоја надреална состојба каде што музичката историја се врти на карусел, туку така шарен и просторно и временски беше концертот на македонските трубадури „Ла Колони Волвокс“, предводени од музичкиот поет Сашо Гигов-Гиш, кои синоќа ја импресионираа многубројната публика во киното „Фросина“.
Вистинско изненадување, но и освежување беше одлично осмислената концертна промоција на новиот албум на „Ла Колони Волвокс“, насловен „АЕИОУ“, зашто оваа извонредна инструментална дружина која се занимава со звукот, но и со поезијата и филозофијата проткаени низ тонските аликвоти, не' пренесе во едно друго време, во некои други простори или димензии, и ни ги стопли срцата. Овој нивен настап кој беше всушност, музички театар, ќе остане долго запаметен. Пред се', поради одлично осмислениот концепт кој подразбира едно несекојдневно и вкусно движење низ навидум неспоивите музички естетики, периоди и стилови, се разбира, поради прекрасната музика што ни ја подарија и поради неверојатно позитивната енергија што музичарите ја ширеа од сцената, особено секогаш насмеаниот и луциден Гиш, кој и со овој проект го продолжува она што го почна како вокалист во некогашната група „Клержо“. Настапот беше збогатен и со многу комични елементи, и во музичка смисла, но тие беа присутни и во кратките приказни што Гиш ги раскажуваше пред секоја песна и тоа го оправдува театралниот пристап, покрај нивните автентични костими на трубадури.
На големо изненадување, концертот беше распродаден, што за македонски бенд е реткост. И, големите очекувања на публиката се исполнија. Посебен впечаток остави новата вокалистка на „Ла Колони Волвокс“, младата Калина Велковска, која е откровение на македонската музичка сцена. Нејзиниот нежен сопран со специфично вибрато не ве остава рамнодушни. Пееше како придружба на вокалистот Сашо Гигов-Гиш, но и како солист изведувајќи ги нејзината мошне инспиративна „Гулабицата“ и „Кралот на Франција“. Инаку, повеќето од песните се од 14 век и особено се истакнува насловната „АЕИОУ“ која е химна на катарите, за која прексиноќа беше промовиран и спот во режија на Гоце Цветановски, а е базиран на филмот „Тајната книга“, но и групата ја посветува на браќата Владо и Љубе Цветановски, кои не се повеќе меѓу нас. Како гостин на концертот настапи Аџи Џевад Али, кој не' поведе низ приказната на една песна од турскиот поет Јунус Емре, а потоа заедно со Гиш изведоа албанска песна од Епир.
Извонредните Сашо Гигов-Гиш, кој свиреше и на перкусии, Предраг Икономовски на гитара, Драган Стојковски на тамбура и укулеле, Ненад Неделков на тамбура и Гоце Наумов на перкусии, преку песните испеани на окситански, француски, латино, англиски, турски, босански и македонски јазик, третирајќи ја универзалната тема - љубовта, како и спојот на културите, традициите и народите, делумно својствено и за хипи-движењето, се обидоа не само да допрат до суштината на трубадурската песна, туку и до суштината на музиката, воопшто. Позитивното лудило на концертот финишираше, како што споменавме и во почетокот, со инвентивниот и хумористичен спој на темата на Ленон во 7/8 и текстот „Џаи Гуру Запад, идемо у напад“, а публиката ги испрати со овации и очекувано, два пати ги врати на бис. Иако „Ла Колони Волвокс“ немаа овој пат свои, авторски песни, но овој нивен концепт е повеќе од добредојден, зашто на нашите простори е единствен и ја размрдува општата слика на музичката сцена.
|