16.04.2013, 16:13 „Изгубени Германци“ за отворање на Фестивалот на монодрама
Фестивалот во Битола ќе се одржува од 24 до 28 април, a ќе бидат одиграни претстави од Македонија, Словенија, Романија, Србија, Шведска, Украина, Тунис и Израел
На 15 -тиот по ред интернационален „Фестивал на монодрама“ кој од 24 до 28 април ќе се одржува во Битола ќе бидат одиграни претстави од Македонија, Словенија, Романија, Србија, Шведска, Украина, Тунис и Израел. Ќе го отвори „Изгубени Германци“, работена по текст на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски која МНТ ќе ја одигра во чест на Фестивалот.
Учесниците покажувајќи го својот актерски потенцијал ќе се борат за наградата Гран-При, која ќе ја додели меѓународно стручно жири предводено од македонскиот актер Мето Јовановски. Жирито го сочинуваат и Соња Михајлова, Нина Мазур, Марцин Борткиевиц, Вјацеслав Терешченко, а селектор е актерот Петар Мирчевски. Фестивалот ќе го затвори Театар Комедија со претставата „Женидба“ во режија на Дејан Пројковски. Покровител е Министерството за култура, организатор битолскиот Центар за култура, а фестивалот е поддржан и од општина Битола. |