15.04.2013, 14:44 Анушка Шанкар и Кимо Похјонен на „Оф-фест“
Од 1 до 6 јуни на 12-тиот Фестивал публиката ќе може да види значајни светски музичари; Анушка Шанкар која ќе го отвори фестивалот
Значајни музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија, но и од Македонија, ќе ја чинат програмата на годинашното, 12-то издание на музичкиот фестивал „Оф-фест“, кој ќе трае од 1 до 6 јуни. Организаторот, „Скопскиот џез-фестивал“, соопштува дека покрај концертите, публиката ќе има можност да погледне и еден музички документарец, практика која се востановува на последните неколку фестивалски изданија.
„Оф-фест“ ќе стартува со концертот на извонредната Анушка Шанкар, популарната индиска ситаристка, позната и како ќерка на големиот ситарист и композитр Рави Шанкар и сестра на славната џез-пејачка Нора Џонс. Анушка Шанкар во Скопје ќе го промовира нејзиниот нов проект „Травелер“, опишан како рага-фламенко проект со кој беше номинирана за престижната награда „Греми“ и за титулата „најдобар музичар“ на магазинот „Сонглајнс“. Шанкар, како и нејзиниот татко, се смета за една од најистакнатите музичарки на т.н. ворлд мјузик сцена, а во нејзиното творештво силно се чувствува влијанието од индиската класична музика, иако ја обликува во разни други музички жанрови, особено џезот и фламенкото.
На втората фестивалска вечер, за првпат во Скопје, ќе настапи триото од Турција „Таксим“, а истата вечер концерт ќе одржи тандемот Елена Христова (вокал „Баклава“) и Горан Трајкоски („Анастасија“) со нивниот заеднички проект „Биоскопија“ кој наиде на одлични критики од домашната јавност.
На 4 јуни на „Оф-фест“ за првпат ќе настапи состав од Словенија. Станува збор за бендот „Брина“ предводен од извонредно талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник.
Според организаторот, најжешката вечер, без сомнение, ќе биде претпоследната на 5 јуни, резервирана за „колумбијските ’Буена Виста Сошл Клаб‘“ - експлозивните „Ондатропика“, како и за неверојатно моќната и хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Aziz Sahmaoui и „University of Gnawa“.
Годинашниот „Оф-фест“ ќе заврши на 6 јуни, со инспиративниот аудио-визуелен перформанс на финскиот виртуоз и револуционер на хармониката Кимо Похјонен кој пред неколку години гостуваше на „Скопски џез-фестивал“ и направи експлозивен концерт, како и со концертот на фасцинантните јужнокореански инструменталисти „Тори ансамбл“.
На 3 јуни, пак, ќе биде прикажан документарниот филм за Кимо Похјонен насловен „Саундбрејкер“.
Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации: Универзална сала, Македонската опера и балет и киното „Фросина“. (Т.И.)
|