21.04.2013, 14:13 (ФОТО) Едноставно, но ефектно отворање на „Скопски фестивал“
Срдан Голубовиќ му се заблагодари на Слободан Унковски што дојде, а прес-конференцијата по повод „Кругови“ привлече големо внимание
ФОТО: Лилика Стрезоска
Филмот „Кругови“ на српскиот режисер Срдан Голубовиќ беше вистинскиот избор за стартот на годинешниот 16. Скопски филмски фестивал. Од една страна, бидејќи донесе многу значајна, силна, потресна, но оптимистична тема, бидејќи на некој начин не спои сите затоа што ова е балканска приказна која се однесува на сите нас и сите ја чувствуваме како своја, а од друга страна, и затоа што успеа да го наполни „Милениум“, пре�� се', со луѓето од филмскиот и културен живот во земјава.
Срдан Голубовиќ, еден од најафирмираните режисери во српската кинематографија во моментов, чиј филм успеа да освои награди на различни страни во светот, во Америка и во Европа, во киното „Милениум“ беше поздравен со аплауз, а особено по завршувањето на филмот. „Многу ми е мило што мојот филм го отвора ‘Скопскиот фестивал’, бидејќи во Македонија имам многу пријатели, а некои македонски автори имаа и големо влијание на мене, како Столе Попов, Милчо Манчевски и Слободан Унковски, од кого научив како да ги разберам актерите“, изјави Голубовиќ, заблагодарувајќи му се на режисерот Унковски поради неговото присуство.
Фестивалот го отвори актерот Никола Ристановски, кој не' потсети дека и оваа година фестивалот носи одличен избор на филмови, вклучувајќи ги ветераните Педро Алмодовар, Коста Гаврас, Гас Ван Сент, Маргарет фон Трота, вклучувајќи ги независните и провокативни остварувања кои се и белег на овој фестивал, како „Седум психопати“, како „Хајд парк на Хадсон“, како „Перверзен водич во идеологијата“ со Славој Жижек, кого повеќе пати сме го гледале на „Скопскиот фестивал“, па се до автори кои овој фестивал и ги претстави на скопската публика, како Такеши Китано, Томас Винтерберг и други. Но, да не ги заборавиме и документарните филмови, во чиј избор секогаш има извонредни портрети на некои музички и визуелни артисти и легенди.
Вчера се одржа првата прес-конференција на фестивалот со Срдан Голубовиќ, која предизвика многу голем интерес. А со оглед на извонредната ерудитност на српскиот автор, беше тоа многу пријатна и поучна средба. Со Голубовиќ направивме интервју за „Утрински весник“, па овде само уште ќе ја најавиме утрешната програма која во киното „Милениум“ носи три извонредни наслови, „Ветена земја“ на Гас Ван Сент („Добриот Вил Хантинг“), данскиот филм „Лов“ на тема сексуална злоупотреба на деца со Кедс Микелсен во главната улога, која му ја донесе „Златната палма“ и новиот филм на култниот шпански режисер Педро Алмодовар, урнебесната комедија „Многу сум возбуден“. Во „Рамстор“, пак, ќе можат да се погледнат, документарецот „Да живеат антиподите“ на Виктор Косаковски, кој прави еден необичен калеидоскоп на нашата планета снимајќи го животот на најспротивните страни на светот, биографскиот филм „Хана Арент“ на Маргарет фон Трота за влијателната филозофка и политички теоретичар и српско-црногорскиот „Писмо до татко ми“ на Срџан Кеца, кој се навраќа во времето на Југославија и се осврнува на последните Балкански војни кои се уште ги разделуваат луѓето. (С.У.)
|