15.04.2013, 17:20 Претстави на првите дипломци по современ танц
На „Танц-фест“ се изведоа три кореографии на студентите од Танцова академија - Скопје, како и една на веќе афирмираниот Игор Киров
Кореографиите на првите дипломирани студенти од Танцова академија - Скопје, како и претставата на веќе афирмираниот танчар и кореограф Игор Киров, синоќа беа изведени на сцената „Зебра“ во рамките на „Танц-фест“. Претставите го привлекуваат вниманието на љубителите на современиот танц, пред се', затоа што станува збор за млади македонски имиња, за нови авторски потписи чии дела допрва треба да блеснат на културните сцени.
„Загреј го студот“ на Матеја Киселичка, „Патот на љубовта“ на Андрија��а Атанасова и „Патот на еволуцијата“ на Љупчо Атанасов, или под заедничко име „Хот“, се делата на првите дипломирани студенти по современ танц во Македонија, под менторство на Рисима Рисимкин.
На вчерашната прес-конференција, уметничкиот директор на „Танц-фест“, Рисимкин, рече дека овие млади имиња стануваат професионални танчари, дека нивните кореографии се одлични и дека изненадуваат со својата инвентивност.
„Драго ми е што во Македонија се раѓаат нови кореографски имиња. Нашата тенденција е да создадеме своевидна лабораторија во која ќе се развива целиот креативен импулс. Степенот на развој на студентите е веќе виден, а тоа ќе го почувствува и публиката“, рече Рисимкин.
Младата кореографка Андријана Атанасова истакна дека нејзиното дело „Патот на љубовта“ е дует за три пара, дека станува збор за современа кореографија, која зборува за љубовта на две индивидуи. И кореографот Љупчо Атанасов рече дека неговата „Патот на еволуцијата“ е претстава која користи современ вокабулар и дека е наративно ориентирана.
Игор Киров, пак, кој како кореограф и танчар годиниве наназад работи на европските сцени, посочи дека неговата кореографија „Импакт“ има апстрактна содржина. „Станува збор за четворица танчари кои тргнуваат на пат и развиваат некаква комуникација. Благодарен сум што работам со талентирани луѓе, а особено ми е драго што ја користам музиката на ’Чалгија саунд систем‘, која е полна со енергија и емоции“, рече Киров. Неговата претстава, инаку, од септември ќе биде дел од редовниот репертоар на Танцовиот театар - Скопје.
Инаку, Рисимкин додаде и дека Танцова академија - Скопје на 27 јуни ќе има заеднички настап со Ротердамската академија, како и тоа дека е потпишан меморандум за соработка со њујоршката компанија „Батери денс“, која настапи на „Танц-фест“, со кој ќе се овозможи гостување на наши студенти во Њујорк. (Т.И.)
„Кога светлината згаснува“ вечерва со Косово балет
Вечерва на „Танц-фест“, во Младинскиот културен центар во 20 часот, Националниот балет на Косово ќе ја изведе претставата „Кога светлината згаснува“, во кореографија на Антонио Пио Фини од Италија. Претставата зборува за будењето на свеста, односно за потрагата по светлината.
Во Скопје, заедно со ансамблот на Балетот на Косово, пристигна и директорот Ахмет Брахимај, кој истакна дека оваа институција интензивно работи и кај танчарите се чувствува голем напредок.
„Многу сум благодарен зашто Рисима Рисимкин не' кани на ’Танц-фест‘ по трет пат. Имаме млада генерација на танчари, но мошне добри. Постојано соработуваме со кореографи од цел свет за да бидеме во чекор со светските трендови. Нашата трупа сега успешно функционира. Оваа претстава која ќе ја види македонската публика веќе имаше голем успех во Приштина“, рече Брахимај. |