21.04.2013, 13:31 Домаќински старт на плејофот во НБА
Сите четири меча ги добија екипите што играа на свој терен, со победа почнаа Њујорк, Денвер, Бруклин и Клиперси
Победи на домаќините во сите четири средби го обележаа почетокот на разигрувањето за титулата во НБА-лигата. Кармело Ентони го предводеше Њујорк со 36 коша до победата над Бостон, иако на остатокот од тимот не му одеше шутот. Екипата што во основниот дел од сезоната постигнуваше точно 100 поени во просек по натпревар, овој пат даде само 85, но одбраната надомести, па Селтикси во последната четвртина постигнаа само осум коша, имаа и осум загубени топки и го изгубија мечот со 85:78. Ентони беше најдобар стрелец на мечот, а помош доби и од главниот кандидат за најдобар шести играч во сезо��ата Џеј Ар Смит, кој уфрли 15, а во поразената екипа се истакнаа Џеф Грин со 26 поени и Пол Пирс со 21.
Со 1:0 во серијата поведе и Денвер против Голден стејт благодарение на 37-годишниот ветеран Андре Милер. Кошаркарот што ја игра својата 14. сезона во НБА-лигата постигна неверојатни 18 коша во последната четвртина и мечот го заврши со 28 поени за нов личен рекорд во плејофот. Милер го постигна победничкиот кош 1,3 секунди до крајот, кога положи покрај двајца гостински играчи за конечни 97:95. Причината за поразот Голден стејт треба да ја бара во слабата вечер на Стивен Кари, кој постигна 19 поени, но со удар 7/20 во својот прв плјеоф меч во кариерата. Најефикасен кај гостите беше Клеј Томпсон со 22 коша, а и нему ова му беше прв настап во доигрувањето. Лоша вест за Голден стејт е и повредата на центарот Дејвид Ли.
Бруклин оствари висока победа на стартот од разигрувањето, декласирајќи го Чикаго со 106:89, но резултатот не е вистински одраз на настаните на теренот. Нетси во еден момент имаа и 28 коша разлика, а на полувремето заминаа со водство од 60:35! Дерон Вилијамс ги предводеше „мрежичките“ со 22 поена и седум асистенции, а единствениот расположен играч кај „биковите“, кои веројатно целито плејоф ќе го одиграат без Дерек Роуз, беше Карлос Бузер со 25 поени, осум скока и четири додавања.
Крис Пол го предводеше Лос Анџелес Клиперс до уверлив триумф над Мемфис од 112:91 со 23 поени и седум асистенции, но голема помош имаше од дури шестмина соиграчи, колку што исто така забележаа двоцифрен број поени. „Гризлите“ добро се држеа до последните 12 минути, во кои влегоа со минус шест, но овој период од играта Клиперси го добија со 37:22 за трицифрен резултат на крајот. И тоа против екипата што во основниот дел примаше во просек по 89,5 поени, најмалку во лигата.
|