16.04.2013, 14:29 Познатиот судија Веб префрлен во третата лига
Арбитарот кој суди меѓународни натпревари место да биде дел од елитата, ќе го води мечот меѓу Колчестер и Шевсбјури во Лига 1 што ќе се игра в сабота
Еден од најпознатите англиски судии Хауард Веб оваа недела ќе суди во третата лига поради низата пропусти на натпреварот меѓу Њукасл и Сандерленд во рамките од 33. коло во Премиер-лигата. Арбитарот кој суди меѓународни натпревари место да биде дел од елитата, ќе го води мечот меѓу Колчестер и Шевсбјури во Лига 1 што ќе се игра в сабота.
Веб доби низа критики поради тоа што не досуди пенал за Сандерленд поради влечење за дрес на Дени Грем, како и не покажа црвен картон на играчот на Њукасл Јоан Гуркуф поради опасниот прекршок врз Адам Џонсон.
На удар се најде и линискиот судија Дарен Кен поради неоправдано поништен гол на напаѓачот на Њукасл Папис Сисе во моментите кога Сандерленд имаше предност од 1:0. На видеоснимките јасно се гледа дека фудбалерот на Њукасл не бил во офсајд во моментите кога го постигнува погодокот за израмнување. Тренерот на Њукасл Алан Пардју на пресот изјави дека тој момент бил пресуден околу конечниот епилог на мечот.
Сандерленд на крајот го доби мечот со 3:0 што подоцна предизвика револт на навивачите на Њукасл, кои го истурија бесот врз полицијата во центарот на градот. Неколку лица беа уапсени, а клубот им забрани на агресивните навивачи да присуствуваат на стадионот „Сент Џејмс парк“.
|