15.04.2013, 15:00 Вардар ја прифати оставката на Илиевски
„Црвено-црните“ со друг кормилар на задутрешното гостувањето кај Шкендија во првиот полуфинален меч од Купот на Македонија
Никола Илиевски, дефинитивно, повеќе не е дел од Стручниот штаб на Вардар. Иако ден по оставката дадена по шокантниот пораз од Пелистер од 1:0 на домашен терен во рамките на 25. коло од Првата македонска фудбалска лига излегоа шпекулации дека челниците на клубот не ја прифатиле одлуката на својот тренер, денеска од таборот на нашиот најтрофеен фудбалски клуб потврдија - оставката на Илиевски е прифатена. „Точно е дека оставката на Никола Илиевски е прифатена“, ни потврдија од клубот неколку часа пред вечерашната прес-конференција, н�� која треба да биде промовиран неговиот наследник.
Поранешниот селектор на македонската репрезентација на кормилото на вардарци дојде пред стартот на подготовките за пролетниот дел од сезоната на местото на Благоја Милевски. Вардар го заврши есенскиот дел на лидерската позиција, по што во вториот дел под водство на Илиевски забележа неочекувано слаби резултати (три порази, две победи и едно реми), а по поразот од Пелистер во минатото коло падна на третата позиција, зад Хоризонт и Металург.
Проблемите со тренерското место во таборот на Вардар, кои создадоа лоша атмосфера во екипата, доаѓаат во лошо време, бидејќи утре во Тетово против Шкендија го играат првиот полуфинален меч од Купот на Македонија.
Неколку часа до стартот на вчерашната прес-конференција за тренерското место се споменуваше името на човекот со кој Вардар бележеше одлични резултати и ја освои есенската титула, Благоја Милевски. За него од клубот ниту негираа ниту ни потврдија дека постои можност повторно да се врати меѓу „црвено-црните“.
Она што, пак, е извесно е дека „вардарци“ не стапиле во контакт со Ѓоре Јовановски, кој беше најавуван како најсериозен кандидат за преземање на кормилото. (М.К.)
Хоризонт и Металург пред Вардар
Хоризонт Турново и Металург го искористија поразот на Вардар од 1:0 против Пелистер во 25. коло и го симнаа шампионот од челната позиција во Првата македонска фудбалска лига. Турновци дома го декласираа дебитантот Дрита со 4:0, а Металург на Железарница го совлада Силекс со 3:0.
Хоризонт е прв со 47 бода, колку што имаат и „металурзите“, но новиот лидер е со подобра гол-разлика за два погодока. „Црвено-црните“ се трети со 46 бода.
|