15.04.2013, 12:17 Почина маратонец во Брајтон
Човекот, кој се' уште е со непознат идентитет за медиумите, колабирал на Гранд авенија, некаде претпладне, 16 милји по стартот
Спортската јавност во Брајтон бргу ги заборави рекордните остварувања на неделниот маратон откако разбра за смртта на 23-годишен тркач. Човекот, кој се' уште е со непознат идентитет за медиумите, колабирал на Гранд авенија, некаде претпладне, 16 милји по стартот. На самото место му била укажана прва помош од медицинска екипа, а потоа бил пренесен во болница за да биде итно опериран, но тој не го издржал зафатот и починал.
„Можам да потврдам дека натпреварувач на маратонот во Брајтон колабирал, а потоа починал. Ова е неописливо тажно, за цел Брајтон, а на семејството на почи��атиот му изразуваме сочувство“, изјави директорот на маратонот, Тим Хачинс. Ова е втор случај во поблиското минато млад човек да почине за време на маратон во Англија. На минатогодишниот Лондонски маратон 30-годишната Клер Скајрс почина од срцев удар на една милја до целта.
На маратонот во Брајтон учествуваа над 9.000 натпреварувачи, а доминантни беа Кенијците. Доминик Кангор кај мажите и Јунис Калес кај жените триумфираа со времиња за рекорд на маратонот (2:10:46 и 2:28:26).
|