21.04.2013, 11:12 Одбележување на Денот на планетата Земја
Денот на планетата Земја - 21 април денеска ќе се одбележи со хепенинг во Зоолошката градина во Скопје, во организација на невладините „Уметност на живеење Македонија“, „СУНА“, „Банка за храна Македонија“ и „Арт Лајф“.
Целта на овој настан е подигнување на свеста кај луѓето за чување на планетата Земја, заштита на животната средина и почиста околина со што, како што истакнуваат организаторите, се вклучуваме во глобалното одбележување заедно со повеќе од милијарда луѓе и организации низ целиот свет.
Во рамки на настанот ќе се реализира и аукција на слики од „Ретки билки и ѕверки“, слики на платно исцртати од децата aмбасадори на животната средина од средните училишта низ Македонија. Средствата ќе бидат наменети за Едукативен центар за заштита на децата на улица од Шуто Оризари.
Стручни лица, професори од основни училишта ќе зборуваат на еко тема „Чување и заштита на животната средина“, а учениците својата порака за зачувување на планетата Земја ќе ја испратат преку ЕКО-театарска претстава во која ќе учествуваат три основни училишта од Скопје.
Кон одбележување на Денот на планетата земја ќе се приклучи и Јавната установа за згрижување деца со воспитно социјални проблеми - Скопје.
|