23.04.2013, 16:08 Израелски систем капка по капка и во Пелагонија
Битола - Николче Вељановски, земјоделец од пелагониското село Новаци, производител на пченка, оваа година на својата нива ќе спроведе систем за наводнување „капка по капка“. Вељановски е само еден од 44 земјоделци од Пелагонија и Полог кои со проектот на УСАИД за експанзија на малите бизниси, кој се спроведува преку корпорацијата КАРАНА, ќе ја имплементираат новата технологија на наводнување, со која планираат да постигнат двојно, па дури и тројно зголемување на приносите.
Вељановски оваа година ќе сади пченка на 1 хектар. Досега на оваа површина добивал од 7 до 8 тони пченка, а сега со новиот систем за наводнување се надева дека приносите ќе бидат двојно поголеми.
„Пченката е култура која бара пообемно наводнување. Бидејќи мојата земја е подалеку од системот за наводнување Стрежево, кор��стиме артерски бунари. Со употреба на системите за наводнување „капка по капка“ би се дошло до најрационално искористување на водата, бидејќи тој систем троши малку вода, но наводнувањето е подеднакво“, вели Вељановски.
Денеска во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) во Битола беше потпишано писмо за соработка со УСАИД за проектот за експанзија на мали бизниси, кој ќе трае четири години. Претставниците на УСАИД сметаат дека за воведување на овој систем најважни се протоколите, бидејќи систем може да купи секој земјоделец, но доколку нема техничка поддршка како да ги следи протоколите, нема да му биде од корист. Претставниците од УСАИД додаваат дека за овој проект има голема заинтересираност кај македонските земјоделци. Дел од земјоделците во Пелагонија веќе самите инвестирале во овој систем.
„Капка по капка е иновација во Македонија, но во поширокиот регион е имплементиран и со одлични резултати. Знаеме дека Пелагонија особено ќе биде засегната од климатските промени, затоа постоењето на ваквите системи ќе биде неопходно за приносите на пченка да се задржат дури и да се зголемат“, рече Мирјана Македонска, заменик-директор на Проект на УСАИД за експанзија на мали бизниси. (А.Б.) |