21.04.2013, 20:11 ДИК: Одѕивот до 17 часот e 53,73 отсто
Одѕивот на гласањето во четирите општини каде што се гласа денеска до 17 часот изнесува 53,73 отсто, односно на гласање излегле 22.921 граѓанин од вкупно 42.663 колку што според избирачкиот список имаат право на глас, соопшти на прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисија, Билјана Јовановска.
Во Долнени каде што се одржува редовниот втор круг од локалните избори одѕивот на гласачи до 17 часот изнесува 63,50 отсто. На вкупно 39 избирачки места во општината на гласање излегле 6.680 граѓани.
Во Општина Центар каде што се прегласува вториот круг од локалните избори на 29 избирачки места, одѕивот на гласањето до 17 часот изнесува 53,71 отсто, односно на гласање излегле 12.321 избирач од вкупно 22.939 запишани во избирачкиот список.
Во Струга, каде што исто така се прегласува на девет избирачки места излезеноста е 43,40 отсто, односно на гласање излегле 3.422 граѓани. Во Ѓорче Петров се прегласува на едно избирачко место во Волково и таму одѕивот е 37,73 отсто, односно гласале 498 граѓани до 17 часот.
Според портпаролката на ДИК Билјана Јовановска, гласањето во Долнени и во трите општини каде што се прегласува вториот круг се одвива без прекини, се уште нема избирачко место каде што е завршен изборниот процес, а до ДИК се уште официјално не се пристигнати забелешки за нерегуларности на денешното гласање.
|