(ВИДЕО) Зависни од афро-кубанскиот ритам на Оскар Салас
Кон албумот „Unfinished Business“ на кубанскиот перкусионист Оскар Салас, издаден за „Скопје џез-фестивал“
Тина Иванова
Навистина е изненадувачки, во позитивна смисла се разбира, во Македонија, во Скопје да се свири афро-кубанска музика. Едноставно е да се каже дека јазикот на музиката е универзален, дека звуците, какви и да се, можат да ги рашират своите тонови над небата на сечија земја, но ако нејзините карактеристики во зависност од тоа каде е родена, не се впиени во крвта на оној кој што ја оживува, таа нема да биде толку искрено восприемена. Кубанскиот перкусионист Оскар Салас, кој веќе може да се каже дека е одомаќен Македонец, иако се' уште не зборува македонски, неодамна го издаде албумот „Unfinished Business“ кој е еден мошне необичен, но прекрасен спој токму на афро-кубанскиот ритам и мелодиски карактеристики, со американските корени на џезот, балканската и очекувано, со македонската звучна традиција.
За оние помалку упатените, Оскар Салас е роден во Хавана, а преку Мајами и Њујорк пред повеќе од една година дојде во Скопје и оттогаш е присутен претежно на ноќните „свирки“ најчесто соработувајќи со џез-гитаристот Тони Китановски и ансамблот „Черкези“. Овој негов албум издаден под етикетата на „Скопје џез-фестивал“, кој е вистинско освежување во македонското звучно издаваштво, веројатно е плод на секојдневното дружење на Салас и со други овдешни уметници кои со широко срце го прифатија поради неговите извонредни изведувачки и воопшто, музички вештини и познавања. Има богато портфолио, огромно музичко искуство, што е очигледно, а во неговата биографија најмногу се истакнува соработката со имиња како Дејвид Брн, Џако Пасториус или Мајкл Брекер.
„Оскар Салас и Кубалкан ансамбл“ е името на бендот кој работеше на албумот, а во кој се: Боби Мартинез на саксофон и флејта, Дамир Имери на клавијатури, Александар Икономов на бас, Трајче Велков на труба и Тони Китановски на гитара, како и гостите Оливер Јосифовски на бас, Сашо Николовски на тромбон и Џијан Емин на клавијатури и хорна задолжени за последната тема „Латино Локо“.
Она што при прво слушање на „Unfinished Business“ остава впечаток, е токму мајсторијата на Салас во однос на интерпретација на неговите конги и воопшто на перкусиите, ама и прекрасната изведба на останатите музичари од кои се издвојува звучното богатство на флејтата и саксофонот на американскиот музичар кој живее во Шпанија, Боби Мартинез. Се разбира, и изборот на осумте теми кои го чинат албумот е едно извонредно патување низ разно-разни звучни естетики, што инспирира. Се чувствува на албумот слободата во интерпретацијата, а со тоа и неограниченоста на формата, но и во развојот на содржината, на мелодијата и на ритамот, слобода по која можеби и Салас самиот копнее живеејќи го животот како „номад“ и преку музиката умешно вклопувајќи се во различни културни амбиенти.
Албумот го отвора впечатливата тема „Chekere ke son“ на Оскар Валдез, која ја носат дувачите и веднаш се „лепи“ за уво. Овде, но и во текот на целиот албум, динамиката на тапаните, конгите и латино перкусиите на Салас, не ве остава статични. Затоа „Unfinished Business“ може да оцени како албум за танцување. Ритамот, генерално, пулсира и е полн со богатство од акценти, но и мелодичност. Продолжува со лирската на Боби Мартинез „What’s on your mind“, а потоа возбудува познатата тема на Тони Китановски „Играта е работа на децата“. Интересна е африканската композиција на Пабло Албанедо - „El Acecho“, се разбира насловната на Боби Мартинез и особено „Бубу“ на Дамир Имери. Темата на Салас, пак, „Pa-Patato“ која е единствена негова, е соло-изведба на конги со мошне интересна композициска структура. Последната, „Латино Локо“ на Нелсон Падрон е посветена на неговиот неодамна починат пријател.
Од овој албум навистина зрачи и шармира хемијата меѓу музичарите, но и страста кон музиката на Салас. Тоа вродува со една натуралност која му дава карактеристична атмосфера - музичка префинетост во изразот, и патување низ класичниот џез и традиционалната кубанска енергија. А, како што вели насловот на албумот, се надеваме дека ова е навистина една „незавршена работа“ на овој латино-музичар со педигре, локален Кубанец со зад себе светска кариера, и дека ќе продолжи и понатаму да не' изненадува, а со тоа и да го збогатува музичкото издаваштво на овие простори.