Јужнокорејската раперска ѕвезда Псај со нова музичка зараза
Само два дена откако е поставено на музичкиот канал „Јутјуб“, видеото „Џентлмен“, новиот хит на јужнокорејската раперска ѕвезда Псај, кој претендира да го наследи планетарно популарниот „Гангнам стајл“, достигна околу 87 милиони прегледи.
Ќе го надмине ли Кореецот сопствениот рекорд со новиот танц и новата песна? Првпат во историјата на „Јутјуб“ - „Гангам стајл“ имаше над 1,5 милијарди прегледи. Според анкетата на популарната јужнокорејска страница „Даум.нет“, мислењата за „Џентлмен“ се поделени: 38,9 отсто од публиката смета дека песната е добра или многу добра, а 48,3 отсто мисли дека е просечна и здодевна.
Псај извежба нова кореографија на „Џентлмен“, која сигурно ќе ве растресе. Станува збор за нумера со брз ритам и заразна мелодија, која уште еднаш покажува дека Псај е забавен, оригинален и многу успешен изведувач, иако дел од критичарите тврдат дека раперот го „украл“ мрдањето со колкови од корејската група „Brown Eyed Girls“.
Сатиричниот текст на песната во најголем дел е на англиски јазик и говори за наводен џентлмен-заводник. „Пуштете ме да кажам нешто за себе. Јас сум шармер кој има сила и смисла за хумор“, пее Псај на корејски, а подоцна продолжува на англиски јазик.