17.04.2013, 12:44 „Убиј ги децата“ доби Гран-при на „Лица без маски“
Наградата за најдобра режија на 6. театарски фестивал ја доби Саша Ефтимова, а за најдобар актер беше прогласен Тодор Нисторов од Бугарија
Гран-прито за најдобра претстава во целина на тукушто завршеното 6. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, и припадна на италијанската претстава „Убиј ги децата“ во режија на Фабио Омодеи, а во изведба на Академијата за театар „Софија Амендолеа“ од Рим. Додека, наградата за најдобра режија ја доби Саша Ефтимова за нејзиниот авторски проект „Филм“, со кој годинава се отвори фестивалот.
Жирито во кое членуваа: Васил Зафирчев, актер и умет��ички директор на велешкиот театар, Сотир Трајков, новинар и театарски критичар и актерот и пантомимичар Дарко Велјиќ, за претставата „Убиј ги децата“ рече дека станува збор за вистински сценски спектакл, кој успева да го покаже светот на гротесктен начин низ театар на циркус. „Во него доминираше колективната актерска креација, визуелизацијата, како и одличната режија, во која авторот успева со минималистички изразни средства да ги критикува светските центри на моќта, наспроти стравот за сопствената егзистенција на секој поединец, вклучително и најмладите“, пишува во образложението на жирито.
А за претставата „Филм“ жирито истакна дека Саша Ефтимова во своевиден бродвејски клуч прикажа театар на сенки со балетски изведувачи, што претставува освежување на нашата театарска сцена. Преку оваа претстава, се вели понатаму, таа промовира нови методолошки пробиви кои се движат на линијата меѓу современиот танц и театарот, а она што е особено е дека во неа таа го третира танцот, не како изразно средство, туку како состојба на духот.
Наградата за најдобра актерска игра му беше врачена на актерот Тодор Нисторов од бугарскиот театар „Ателје 313“ од Софија, за улогата во претставата „Деволуција“. Според жирито Нисторов прикажа суверена актерска креација која се движеше помеѓу физичкото и емотивното, со исклучително чувство за партнерска игра. Наградата му се доделува поради точната, силовита и длабоко емотивна актерска игра, како и поради чистината и едноставноста во третманот на пренесувањето големи идеи на прилично едноставен начин.
На наградените им беа врачени оригинални плакети направени од филигран со сребро, кои го претставуваат логото на фестивалот, а истите се дизајн на мултимедијалната артистка, Марија Милошевска.
Годинешното издание на фестивалот „Лица без маски“, целосно го оправда слоганот „Ослободи се!“, со фантастичните претстави на гостите од Бугарија, Србија, Полска, Италија и Романија, а секако предизвик беше и отворањето со претставата „Филм“, во режија на Саша Ефтимова. Во изминатите пет дена, како што рекоа организаторите, македонската публика, која ја имаше во голем број, беше сведок на несекојдневна театарска визуелизација и претстави со различни естетски предиспозиции. Како куриозитет на фестивалот оваа година беа и работилниците што ги одржуваа режисерите и актерите од гостувачките театри, а за кои имаше голем интерес не само од учесниците на фестивалот, туку и од македонските актери и режисери. Со тоа, потенцираат директорот Миодраг Костиќ и селекторот Игор Ивковиќ, целосно беше исполнета мисијата на „Лица без маски“, а пред се', во поглед на едукацијата и размената на искуства. (С.У.)
|