21.04.2013, 14:29 Малинков нов тренер на Фени
Отказ за Кадија по трите порази во низа, до крајот на сезоната главен ќе биде неговиот помошник
Миодраг Кадија повеќе не е тренер на Фени индустри. Управата на вицешампионот одлучи да му се заблагодари на црногорскиот стручњак на досегашната соработка и на негово место го постави долгогодишниот помошник Љупчо Малинков.
Трите порази во серија во последните три кола во Суперлигата е причината за заминувањето на Кадија, кој на кормилото на кавадарчани имаше солидни резултати. Во првата официјална средба го совлада својот претходник Емил Рајковиќ во дербито со Работнички, а во Суперлигата стартуваше со победи над Куманово и над Лирија, по што следуваа поразите од Работнички, Кожув и од МЗТ Скопје. Токму слабите резултати во последните три кола придонесоа за експресна смена на Црногорецот. Раководството на Фени индустри не трагаше долго време по новата замена, се одлучи за тренерско име што веќе долго време е во стручниот штаб на клубот. Малинков како помошник работеше долго време, но и покрај тоа што добро ги познава играчите, сепак, го чека тешка задача – да го врати победничкиот менталитет пред пеколниот распоред во продолжението на Суперлигата. Своето официјално деби како предводник на кавадаречкиот прволигаш ќе го има в среда кога актуелниот вицешампион ќе му гостува на Куманово. Фени моментно е четвртопласиран на суперлигашката табела со скор две победи и три порази, зад лидерот МЗТ Скопје (5-0), Работнички и Кожув. (М.К.)
|