Уругваецот го касна за раката Ивановиќ од Челзи во ремито 2:2 на „Енфилд роуд“, во кое го постигна израмнувачкиот гол
Луис Суарез доби парична казна од Ливерпул за гризнувањето на Бранислав Ивановиќ од Челзи, а парите ќе одат за хуманитарни цели. Фудбалската асоцијација на Англија се очекува да го истражи шокантниот инцидент што се случи во второто полувреме од ремито 2:2 меѓу двете екипи завчера на „Енфилд роуд“, кога Суарез го постигна израмнувачкиот гол во седмата минута од судиското надополнување на времето.
Суарез, кој беше суспендиран седум меча за ист прекршок додека играше за Ајакс, ги заби своите заби во раката на Ивановиќ пред голот на Челзи. Тој подоцна упати јавно извинување, а клубот го оцени неговото однесување како „несоодветно за играч што го носи дресот на Ливерпул“.
Сега уругвајската фудбалска ѕвезда вели дека Ливерпул го казнил парично, не наведувајќи ја сумата, а тој побарал парите да бидат дадени на „Групата за поддршка на семејствата од Хилсбороу“, која од мај 1989 година се бори за правата на жртвите во трагедијата што резултира со смртта на 96 навивачи на Ливерпул.
„За моето неприфатливо однесување вчера клубот ме казни денеска. Го замолив клубот да ги донира парите на ’Групата‘ за непријатноста што ја предизвикав на фановите на Ливерпул и на Ивановиќ“, напиша тој на Твитер.
Во меѓувреме, извршниот шеф на Асоцијацијата на професионални фудбалери, Гордон Тејлор, изјави дека организацијата ќе им ги понуди своите советодавни услуги на клубот и на фудбалерот во обид да се надмине проблемот со ненадејниот излив на бес на Суарез.
„Нема сомнеж за неговите фудбалски квалитети и токму поради тоа е толку разочарувачки и засрамувачки тоа што го стори“, изјави Тејлор. „Мораме веднаш да поработиме на менаџирање на лутината“.