23.04.2013, 13:08 Името во фокусот на средбата Аврамопулос - Кери
На денешената средба во Брисел се очекува да стане збор и за кипарското прашање, проблемите со Турција, како и ситуацијата во Сирија и Медитеранот. Атина – По успехот на договорот меѓу Белград и Приштина, грчките аналитичари проценуваат дека е можно спорот за името да биде следниот отворен проблем околу кој ќе притисне ЕУ за да се затвори. Оцените се дека ЕУ се' уште нема притиснато толку силно во Скопје и Атина како за случајот со Косово, затоа што не го гледа спорот за името како закана за сериозна дестабилизација на регионот. Меѓутоа, може да почне да го прави тоа со објаснување дека дополнително одолговлекување на отварањето пристапни преговори со Македонија може да предизвика внатрешни судири и дестабилизација, за постоечкото несогласување меѓу Никола Груевски и Али Ахмети околу тоа како треба да се настапи на преговарачката маса за спорот за името.
Од друга страна, додека Македонија ги заладува, Грција работи на подобрување на односите со САД. Шефот на дипломатија, Димитрис Аврамопулос, денес ќе ја има првата тет-а-тет средба со американскиот државен секретар Џон Кери, а грчкиот премиер Андонис Самарас се обидува да договори средба со претседателот Барак Обама, покрај генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун. Аврамопулос и Кери денес ќе имаат билатерална средба во рамки на пролетниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел. Се очекува таа да трае половина час и да стане збор за македонско-грчкиот спор, кипарското прашање, проблемите со Турција, како и ситуацијата во Сирија и Медитеранот.
Грчкиот премиер веќе подолго време се обидува да договори билатерална средба во Белата Куќа за да ја врати Грција на радарот на САД, особено со случувањата во медитеранскиот регион. Грчките медиуми уште во февруари за време на посетата на Атина на помошник заменикот државен секретар Ерик Рубин говореа дека се подготвува теренот за посета на Самарас во Вашингтон од 2 до 4 јуни, кога грчкиот премиер ќе биде почесен говорник на средбата на Американско-еврејскиот комитет. „Катимерини“ посочува дека ваква средба ќе дојде во клучен момент за актуелните преговори за спорот за името меѓу Македонија и Грција. Можноста Самарас да го посети Њујорк е уште поголема затоа што на 5 и 6 јуни се одржува конференција на грчко-американската комора со цел привлекување странски инвеститори за Грција, која е една од главните цели и на Самарас и на грчката дипломатија овој период. (М.П.)
|