22.04.2013, 15:17 Од Белгијци ќе гледаме како се управува со отпадот
Размена на искуства во делот на управување со отпадот и водите на македонски и белгиски компании беше цел семинарот „Стратешки избор и имплементација на политики во областа на цврстиот отпад, загадување на почвата и водостопанство: примерот на регионот Валонија во Белгија“, што денеска се одржа во Стопанска комора на Македонија.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми рече дека очекува овој семинар да придонесе и за подигнување на свеста кај комуналните претпријатија кои делуваат во овој сектор, како и кај останатите претставници од бизнис заедницата.
Новата белгиската амбасадорка во Македонија, Аник Ван Калстер, посочи дека регионот Валонија успешно го свртел фокусот од сите поранешни индустррии кон воспоставување поуспешна и посеопфатна економија и оти се подготвени да ги споделат своите искуства со македонските компании. „Регионот Валонија може да ви помогне како се создаваат зелени, односно еколошки работни места“, нагласи Калстер.
Инаку, Калстер денеска имаше средба и со министерпот за економија Ваљон Сараќини, на која било констатирано дека економската соработка меѓу Македонија и Белгија треба да се интензивира на меѓувладино, на ниво на стопански комори и поединечно меѓу компании од двете земји. Договорено е да се формира македонско-белгиска стопанска комора со компании од двете земји, а македонски студенти да одат на обука во белгиски компании. Според соопштението од Министерството за економија, амбасадорката Калстер укажала на поддршката од Белгија во обезбедување нови извори за финансирање мали и средни претпријатија, на претприемништвото и при користење на европските фондови. Во наредниот период Сарачини планира да го посети Кралството Белгија, каде пред белгиски бизнисмени ќе го презентира потенцијалот и условите за инвестирање во Македонија. (Ек.Р.) |