23.04.2013, 11:39 Брејк за Чикаго, Пол го сруши Мемфис
Булси ги совладаа Нетси со 90:82 изедначувајќи на 1:1. Пол погоди со звукот на сирената за триумф (93:91) и водство на Клиперси од 2:0
Доколку верувате во изреката - серијата почнува кога еден од тимовите ќе дојде до гостинска победа, во тој случај вистинското НБА разигрување започна во понеделникот вечер. За ова се погрижи Чикаго, кој по 8-0 за домаќините, дојде до првата овосезонска гостинска победа во плеј-офот. Булси го совладаа Бруклин со 90:82 изедначувајќи на 1:1, а Јоаким Ноа имаше важна улога и во одбраната, и во нападот. Во третата четвртина Нетси постигнаа само 11 поени, а Ноа и покрај недолечената повреда на стопалото, во овој дел постигна шест клучни поени. Првиот центар на Булси на крајот средбата ја заврши со 11 поени и десет скока, а пред него беше Лоул Денг со 15 поени.
„Овој пат игравме со многу страсти што беше голем плус за нас, за разлика од првиот меч каде изгледавме доста ружно“, рече Ноа.
Кај Бруклин Брук Лопез имаше 21 поен, а додека Дерон Вилијамс постигна само девет поени со очајни 1/9 од поле.
„Во одбраната одигравме катастрофално што е клучно за нашиот пораз бидејќи контранапади не можевме да ги изведеме онака како што посакувавме. Мора да се поправиме во одбраната, а јас ќе мора да бидам многу подобар во сите сегменти“, изјави Вилијамс.
За разлика од првиот натпревар кој го добија убедливо, Лос Анџелес Клиперс на вториот меч далеку потешко го совладаа Мемфис (93:91). Сите заслуги за триумфот на избраниците на Вини Дел Негро и водството од 2:0 во плеј-оф серијата одат на сметка на Крис Пол, во последната секунда погоди за голема радост на својот тим. По завршување на мечот последниот шут на Пол беше прегледан на снимката, по што судиите го потврдија резултатот.
„Тони во одбраната одигра најдобро што можеше. Погледнав во семафорот и видов дека има време да го упоатам шутот“, изјави по мечот Пол кој средбата ја заврши со 24 поени и осум скока, Блејк Грифин имаше 21 поен и осум скока.
„Целта беше да го усмерам на левата страна. Но, тој тргна кон десно, потег што секогаш го прави во неизвесните натпревари. Дефинитивно ги изневерив своите соиграчи бидејќи не го натерав да шутира со послабата рака“, коментира Тони Ален кој во последните секунди беше задолжен за одбраната над Пол. Во гостинскиот табор добра игра прикажаа Гризлис Мјакл Конли со 28, Марк Гасол со 17 и Ален со 16 поени и десет скока.
Џеј Ар Смит најдобар шестти играч во НБА
Џеј Ар Смит ја доби наградата за најдобар шести играч во НБА лигата. Играчот на Њујорк доби 484 поени, пред Џамал Крафорд од Клиперси кој беше второпласиран со 352 бода. Третото место му припадна на Џарет Џек од Голден Стејт, а зад него следеа Кевин Мартин од Оклахома Сити и Рајан Андерсон од Њу Орлеанс.
„Сакав на сите да им покажам дека можам да бидам тимски играч и дека најважен е тимот“, изјави Смит кој за 80 одиграни натпревари сезонава имаше просек од 18,1 поени и сите мечеви ги почна од клупата за резерви
|