16.04.2013, 14:37 Оклахома го осигура врвот на Западот
Со триумфот над Сакраменто (104:95) Тандерси го обезбедија најдоброто стартно место за плеј-офот
Иако Сан Антонио беше лидер во најголем дел од сезоната, кошаркарите на Оклахома се покажаа поистрајни, го презедоа врвот, а со победата над Сакраменто, во понеделникот и математички го загарантираа. Сепак, триумфот не дојде лесно и тренерот Скот Брукс не доби привилегија да ги одмори најдобрите поединци. Иако Тандер водеше со преку 20 разлика во третата четвртина, Кингси почнаа да се враќаат и во последниот период дојдоа на „само“ минус 10. Сепак, ситуацијата не излезе од контрола и домаќините славеа со 104:95. Кевин Дурент предводеше со 29 поени, а Расел Вестбрук го следеше со 21 во 60. победа на Оклахома оваа сез��на.
„Момци 60 победи, навистина сум возбуден. Убава бројка е 50, но кога ќе дојдете до 60 тоа е веќе нешто посебно. Одлично е, си поставувате цели на почетокот на сезоната, работете напорно и потоа уживате во постигнатото. Навистина многу направивме“, се пофали тренерот Скот Брукс, кој ќе почека уште некој ден за да го дознае противникот во плејофот поради пеколната борба на дното на плејоф друштвото. Досега фокусот беше на трката за осмото место меѓу Лос Анџелес Лејкерс и Јута, но поразот на Хјустон од Феникс, ја стави и седмата позиција како влог. Рокетси одиграа слаб натпревар и загубија од Феникс со 119:112. Ако до вчера се надеваа на шестото место сега стравуваат од пад на осмото, што може да се случи ако вечерва загубат од Лејкерси.
Шестото место сега го запоседна Голден Стејт, со победата против Сан Антонио со 116:106. Грег Попович ги одмараше најдобрите четворица, Данкан, Паркер, Џинобили и Ленард, но на паркетот не недостасуваа ѕвезди. Во блескаво издание се покажа Стефан Кари постигнувајќи 11 поени само во четвртиот период, во пресудната серија на Вориорси од 19:0. „Сите мразад да губат, но јас всушност, уживав во овој натпревар. Беше забавно да се гледа тарентираното момче како игра на вакво ниво. Навистина е класа“, беше реален тренерот на Спарси.
Резултати: Шарлот - Њујорк 106:95, Орландо - Чикаго 84:102, Кливленд - Мајами 95:96, Бруклин - Вашингтон 106:101, Детроит - Филаделфија 109:101, Далас - Мемфис 97:103, Оклахома - Сакраменто 104:95, Минесота - Јута 80:96, Феникс - Хјустон 119:112, Голден Стејт - Сан Антонио 116:106.
Западна конференција: Оклахома 60-21 (победи-порази), Сан Антонио 58-23, Денвер 55-25, Лос Анџелес Клиперс 54-26, Мемфис 55-26, Голден Стејт 46-35, Хјустон 45-36, Лос Анџелес Лејкерс 44-37, Јута 43-38 итн.
Источна конференција: Мајами 65-16 (победи-порази), Њујорк 53-28, Индијана 49-31, Бруклин 48-33, Атланта 44-36, Чикаго 44-37, Бостон 41-39, Милвоки 37-43, Филаделфија 33-48 итн.
|