Каталонците славеа во четвртиот меч во Атина со 70:60 и израмнија на 2:2 во победи во четвртфиналната серија во Евролигата
Екипите на Барселона и на Панатинаикос ќе играат петти дуел во четвртфиналната пресметка од кошаркарската Евролига за да решат која од нив ќе се пласира на завршниот „Фајнл фор“ турнир.
Ова е епилогот по синоќешниот четврти натпревар на кој Барселона во Атина го победи Панатинаикос и му се реваншира за поразот на домашен терен. До конечните 70:60 Каталонците стигнаа со подобра игра во првата и третата четвртина кои ги добија со 20:10 и 20:11.
Мајсторката меѓу овие две екипи ќе се игра на теренот на Барселона.
Вечерва се играат четвртите средби од пресметките Каха Лаборал - ЦСКА Москва и Анадолу Ефес - Олимпијакос.
ЦСКА Москва и Олимпијакос водат со 2:1 во победи и со евентуален триумф ќе играат на „Фајнл фор“, во спротивно третата победа ќе се обидат да ја остварат во мајсторката на домашен терен.
Прв учесник на завршниот турнир е Реал Мадрид кој со убедливи 3:0 во победи го елиминира Макаби.